Новиот в.д. директор на јавното претпријатие „Лајка“, Војислав Димитровски најавува голема донаторска акција за потребите на „Лајка“ и бездомните животни.
Акцијата ќе биде организирана во соработка со здруженијата за заштита на животните и ќе се одржи в сабота од 14 до 17 часот во кафе-барот „Цреша“ во Буњаковец.
Секој граѓанин е добредојден за да поразговараме за бездомните животни, да даде свои предлози, но и да донира средства или материјални предмети како што се: прашоци за перење, средства за дезинфекција, храна за кучиња, аксесоари, поводници за кучиња, чешли, но и што и да е друго, а што би било од корист на животните – вели Димитровски.
Тој информира дека на настанот ќе има и каталог со кучиња кои се подготвени за вдомување, но и неколку кучиња за да видат луѓето дека тие се социјализирани, со хигиенски навики, третирани од внатрешни и надворешни паразити, вакцинирани и чипирани. Воедно, Димитровскипобара поддршка за вдомување на кучињата во овој зимски период за да не бидат на улиците, на студено и гладни.
Тој најавува реструктурирање и групирање во претпријатието за, како што вели, да се создаде некаква база, основа за правилно делување понатаму. Тој за весникот Вечер открива дека во моментот активно постапуваат по сите предмети што се однесуваат на случаи од каснување на куче, но и дека се работи на Програма за работа на претпријатието во соработка со здруженијата за заштита на животните.
Во брз временски период во рамките на самата програма ќе настојуваме да се формира уште една екипа која стратешки ќе работи на локации каде има најголем ризик на каснувања од кучиња, со цел да се заштитат граѓаните, но и самите кучиња кои се наоѓаат на улица. Во иднина ќе почнеме да делуваме реонски со сите расположливи ресурси на ветеринарни друштва во градот, со цел поголем број единки во пократок рок да бидат третирани – вели Димитровски.
Тој додава дека во принцип, идејата е и да се работи на зголемување на јавната свест за бездомните животни.
На таков начин ќе превенираме создавање нови поколенија улични кучиња кои доаѓаат од домашните кучиња. Идејата е да се разработи Стратегија која сè уште е во фаза на иницијатива и затоа е прерано да се зборува. Таа Стратегија ќе се прави во соработка со МВР, Агенцијата за храна и ветеринарство, општините, поточно нивните комунални инспекторати, Кинолошкиот сојуз на Македонија, Ветеринарната комора, со цел да се спречи создавање на нови потомства, односно нови единки што се пуштаат на улица како резултат на неодговорно сопствеништво – потенцира Димитровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.