Обезбедување на 250 нови еколошки автобуси и бесплатен јавен превоз како решение на повеќе проблеми на Скопје, како средување на сообраќајниот хаос, намалување на загадувањето и подостапен јавен превоз за граѓаните, е еден од клучни проекти на независниот кандидат за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска.
На денешната прес-конференција, Арсовска продолжи со детално претставување на проекти од нејзината програма. Со 250 нови еколошки автобуси Арсовска планира да го реши сообраќајниот хаос и да се обезбеди подобра и побрза поврзаност во градот.
Скопје има егзистенцијални проблеми кои мора да ги решаваме. Мора да имаме брзи и сигурни проекти што ќе го направат Скопје подобро место за живеење. Бидејќи сите сме сведоци на нечисти автобуси во јавниот превоз за кои никој не води грижа и кои не се водат според возниот ред. И токму јавниот превоз е еден од најголемите проблеми на нашиот град. Јавниот превоз не е само проблем сам за себе. Тоа што тој е нефункционален, нередовен и скап, создава сериозна потреба граѓаните да ги користат исклучиво своите возила. Тоа создава дополнителен проблем, односно преоптеретување на градските улици. На Скопје му требаат брзи и сигурни решенија. А решение е набавка на нови 250 еколошки автобуси, дел на електрични напојување, дел на природен енергенс. Ова ќе чини далеку поевтино од секакви големи проекти а ќе значи решавање на децениски проблем во Скопје, изјави Арсовска.
Според Арсовска, со реализација на овој проект ќе се намали загадувањето, односно ќе биде еднакво на нула. Скопје и скопјани ќе добијат сигурен и брз транспорт, без притоа да се изгуби зеленилото на градот, без поместување мостови, без мегаломански утописки проекти.
Арсовска најави реализација на овој проект со поддршка од меѓународните институции, кои за вакви и слични проекти даваат сериозна поддршка на многу други европски градови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.