Нашите напори и преписки со државните институции не вродуваат со плод, а средбите со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не го дадоа посакуваниот резултат. Урбаната мафија е толку силно вмрежана и вгнездена во институциите и тие што ги водат, за да секое барање заврши во лавиринт и топката се префрлува од едно на друго место без конечен епилог, велат граѓаните од Ѓорче Петров кои Иницијативата против урбаното дивеење во Општината ја носат на ново ниво – целосна блокада на една од главните сообраќајници во Скопје.

Хром се претвори во непрепознатлива населба, слична на Дебар маало. Се создаде огромен „кинески ѕид“ од згради долж главната улица, чии инвеститори се однесуваат дрско и насилно. Општината, инспекторите не реагираат.
Планот дозволува изградба на згради на секое ќоше и е пуштен во најсилен интензитет за изградба. Немаме друга опција освен протести и блокади, велат од Иницијативата.

Тие во недела, 6 јуни, точно напладне во знак на протест за урбаното дивеење ќе ја блокираат главната улица веднаш по кружниот тек кај СП Планет.

Бараме средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски која ќе се одржи директно на блокадата, додаваат ѓорчепетровци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.