Градоначалникот на Чаир и кандидатот на ДУИ за оваа функција на Локланите избори, Висар Ганиу, денеска го пушти во употреба паркингот над Бит Пазар со капацитет од 220 паркинг места.
Во обраќањето пред присутните Ганиу рече дека овој голем проект ги демантира сите кои велат дека Чаир не го решил проблемот со паркирањето.
На Бит Пазар, по реновирањето и модернизацијата, му се додаваат 220 паркинг места. Во Чаир до денес создадовме вкупно 1450 паркинг места. Ова е нов момент, добра вест и објавување на нашата желба и амбиција да продолжиме да отвораме многу нови паркинзи кои се дел од нашиот план, рече Ганиу.
Тој потенцира дека овој паркинг отвора можности за поголема циркулација, ослободување на улиците и тротоарите околу Бит Пазар и населбата Дуќанџик, како и поголема посетеност на Скопската чаршија, што ќе донесе материјални и деловни придобивки за чаршијата и за Бит Пазар.
– Во однос на големината на општината, по глава на жител, ние сме веројатно најнаселената општина во Европа, но тврдиме дека сме првата општина по бројот на паркинг места на стариот континент. Бит Пазар е слика на невозможен опстанок, слика на вековната пот за Албанецот, да преживее и да дојде во овие добри денови. Бит Пазар е нашето постоење, изјави Ганиу.
Директорот на „Бит Пазар”, Агим Рушити рече дека овој паркинг значително ќе го регулира сообраќајот, ќе спречи блокирање на патиштата од паркираните автомобили на фреквентните улици на Бит Пазар и Чаршијата, и ќе го зголеми и бројот на посетители и купувачи.
Како што соопштија од Општината, со овој мега проект, градоначалникот на Чаир го комплетира својот четиригодишен мандат со 1450 нови паркинг места на територијата на Општината, додека за следниот мандат, како што најави, ќе изгради уште 3000 нови, врз основа на договорот со компанијата „Мабетекс” на Беџет Пацоли, кој ќе инвестира на 12 локации за изградба на катни гаражи со вредност од над 50 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.