Случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ доби и правна разрешница. Како што пишува „Призма“, инвеститорот Мевљудин Алити, чија дивоградба лани се уриваше со полициска придружба, признал вина и добил условна казна од две години, како и паушал за судски трошоци во висина од 3 000 денари (50 евра).

Една година по уривањето на дивоградбата, на истото место во полн ек работи кафулето „Фонтана“, а дел од просториите се нудат за издавање.

Колку што беше силен одекот во јавноста дека спроти судската палата, во центарот на Скопје, „непознат“ инвеститор си ѕида објект и тоа трае со месеци, толку незабележано помина пресудата, која судски го запечати овој случај. Една година по оваа епизода, излегува дека правдата е задоволена. Едно признание на вина, условна казна, и судски паушал од 3 000 денари. Накусо, ова е среќниот крај на приказната за тоа бетонско здание пред трговскиот центар. Ако лани во септември, Мевлудин Алити заедно со неговиот адвокат пред медиумите говореше дека правдата е на нивна страна и оти потрагата по неа ќе стигне до судот во Стразбур, приказната доби сосема поинаков тек, и тоа буквално во само едно судско рочиште. Обвинетиот инвеститор, како што е наведено во правосилната пресуда објавена по барање на БИРН, во јуни годинава признал дека е виновен, се вели во текстот на „Призма“.

Како што понатаму се појаснува, ова значи дека за овој предмет не се изведувале докази, туку судот ја прифатил неговата вина и во пресуда од четири и пол страници го осудил со условна казна затвор од две години, кои ќе бидат активни ако во следните пет стори ново кривично дело.

Во диспозитивот се наведува оти Алити во јуни и во јули, без одобрение за градење, градел објект со површина од 330 квадратни метри. Неговиот адвокат пред судот, меѓу другото, го бранел клиентот дека „градел на сопствени објекти“.

Како што пишува „Призма“, Алити, пак, рекол дека „се кае за ова што го направил, не бил свесен за последиците од неговото однесување, сметал дека со тоа што градел е само обнова на неговиот објект, сметал дека со тоа не врши кривично дело…“ и ветил дека во иднина нема да го повтори делото.

Судот, пак, сметал дека условната казна е доволна и оти со неа ќе се постигнат целите на казнувањето. Петнаесет дена по изрекувањето на пресудата, таа станала и правосилна. Алити не се жалел на висината на казната до скопска Апелација. Очигледно од пресудата бил задоволен и скопскиот обвинител Даниел Коцев, кој, исто така, не се жалел, се додава во текстот на „Призма“.

Целиот текст на „Призма“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.