Учениците од основните училишта на територијата на Општина Аеродром од среда, 29 јануари 2020 година, ќе почнат да добиваат топол оброк, соопштија од Општината.
Второто полугодие за учебната 2019/2020 година почна во вторникот, на 21 јануари, но учениците од одделената настава не добија топол оброк поради доцнење на тендерот за избор на понудувач на храна во училиштата во Аеродром. За исхраната на учениците кои се осум часа на училиште мораше да се погрижат родителите. Па така, учениците, освен книги, четири дена носеа појадок, ручек, ужинка во своите ранци.
Тоа значи дека родителите треба да подготоват храна за децата за во понеделник и во вторник, а од среда учениците треба да почнат да се хранат во училиштите. Учениците добиваат појадок, ручек и ужинка.
Градоначалникот Златко Марин се сретна со директорот одговорен за спроведување на набавката за исхрана на сите училишта, кој го извести дека е избрана фирма за подготовка на топол оброк за учениците, велат од Општината.
Инаку, претходно од Управата за јавни приходи е добиено известување дека данокот оваа година ќе изнесува 18 отсто, за разлика од минатата година, кога родителите плаќаа по 5 отсто, така што цената за топол оброк ќе биде зголемена.
Со цел да им се излезе во пресрет на родителите, градоначалникот Марин донесе одлука разликата во цената да се субвенционира од општинскиот буџет за 2020 година и тие и оваа година ќе плаќаат иста сума како и минатата година, односно 1. 500 денари месечно, соопштија од Општината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.