Иако неговата изградба е завршена пред неколку години, патот од Скопје преку Водно кон Сопиште сѐ уште е заглавен во бирократски процедури. Се чека на издавањето дозволи помеѓу Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта. Затоа неговото пуштање во употреба сѐ уште е неизвесно пренесува „Плусинфо“.

Од ЈПДП велат дека во моментов проектот за инфраструктура е одобрен од Министерството за транспорт и врски и во тек е постапка за „измени во тек на градба“, која исто така ја одобрува Министерството. Откако ќе се одобрат, следува постапка за аплицирање за употребна дозвола на патот, со цел да се изврши технички преглед.

Изградбата на регионалниот пат Р2138, Водно – Сопиште, врска со регионален пат Р2134, со населба Сончев Град, почна во 2013 година. Во текот на градбата се појави потреба за одредени измени и дополнувања на проектната документација, кои што се опфатени со изработка нова проектна документација на ниво на инфраструктурен проект. Измените и дополнувањата опфаќаа препроектирање на дел од трасата, проектирање на три поотпорни конструкции, како и дополнително осигурување на стабилност на косината од високиот засек. Во текот на градбата, при пробивање на трасата и при оформување на косините на делови долж трасата, на лице место направени се отстапувања во однос на градежната линија која е предвидена во одобрениот проект за инфраструктура, велат од јавното претпријатие.

Оттаму додаваат дека поради сите горенаведени настанати промени, потребно било да се изработи измена и дополна на одобрениот проект за инфраструктура, односно подготовка за планска документација согласно со фактичката состојба и дека се појавила потреба од јавна набавка за препроектирање.

Од Министерството за транспорт и врски информирале дека го одобриле инфраструктураниот проект доставен од ЈПДП.

Очекуваме ЈПДП во следниот период да достави измени за текот да градбата, за кои Министерството за транспорт и врски треба да се произнесе, по што ќе следи постапката за аплицирање за употребна дозвола, одговориле од Министерството.

Повеќе на „Плусинфо“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.