„Ало Клинички центар, дали знаете со вашиот паркинг што се случува“, прашува корисник на социјалната мрежа Твитер, кој објави видео на кое може да се забележи како неколку лица на своја рака „спроведуваат“ ред на паркингот, пишува „Слободен печат“.

Во описот на видеото кое се прошири на мрежите, тој додава дека паркингот е окупиран од група на луѓе на кои, како што вели, доколку не им се дадат пари, не ги отстрануваат своите возила, па оние кои се во мака можат да кружат и по половина час за да дојдат до слободно место. Следуваа низа реакции со повици надлежните веднаш да реагираат и да ги санкционираат измамниците.

Настанот го потврдија и од ЈП „Градски паркинг“, од каде велат дека со овој проблем се соочуваат со години. Според директорот Борче Јакимовски станува збор за лица на возраст од 25 до 40 години кои со сопствени возила заземааат слободни места, а на останатите возачи им бараат од 50 до 100 денари за да го тргнат својот автомобил.

Проблемот се провлекува веќе три години, а ние континуирано поднесуваме пријави до полицијата. Денеска повторно реагиравме, а воедно издадов наредба „пајакот“ да ги таргетира нивните возила што ги зафаќаат паркинг местата, изјави Јакимовски за „Слободен печат“.

Од МВР засега нема одговор дали постапиле по пријавата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.