И покрај сите предупредувања власта си ја тера приказната со БРТ кој на Скопје ќе му донесе далекусежни последици и потенцијални штети кои кој нема да можат да се санираат со децении. БРТ ќе ги уништи белите дробови на Ново Лисиче и Лисиче. Паркот кој го завршив на почетокот на 2017 година за неколку месеци ќе стане бетонско плато. Со самото уништување на овој најголем парк во овој дел на Скопје, БРТ станува најнееколошкиот проект некогаш проектиран. Дополнително со уништувањето и на средишното зеленило на 5 булевари доаѓаме до фрапантно намалување на вкупното зеленило во Скопје за околу 300 000 м2 или големина колку половина од градскиот парк. БРТ во Скопје ќе уништи и околу 3000 дрва. Ова ли е тој Зелен град на Петре Шилегов? Ова ли се нарекува еколошки превоз? Со оглед на тоа дека ние не слушнавме или видовме никаква дебата околу овој тип на превоз и неговиот импакт фактор кон животната средина станува повеќе од јасно дека ова е само еден бизнис на власта а во ниеден случај не се работи за грижа нов еколошкиот транспорт во Скопје.

Брз Автобуски Tранспорт или BRT е проект кој НЕ ТРЕБА ДА СЕ РЕАЛИЗИРА од повеќе аспекти. Ова автобуско метро, како што милува власта да го нарече, значи комплетна редефиниција на сообраќајот во Скопје кој се создаваше повеќе од 60 години, што по многу параметри е неизводливо, односно толку комплексно што бара многу години подготовка и е многу скапо. Ефектот е минимален и ќе доведе до проблеми далеку поголеми отколку што во моментов ги има Скопје а може да предизвика ХАОС. Но ова се случува кога набрзина смислувате лаги при што ги заборавате основните постулати, а тоа е ИСПЛАТЛИВОСТА, ЕФЕКТОТ И БЕЗБЕДНОСТА на граѓаните и сета лага да ја вклопите во постоечката инфраструктура. Зошто на Скопје не му треба ваква екскурзија наречена Брз Автобуски Превоз:

1. Проектот кој е замислен да се протега од Лисиче до Ѓорче Петров ќе го уништи средишното зеленило на булеварите Видое Смилевски Бато, Јане Сандански, Кузман Јосифовски-Питу, Кочо Рацин и Партизански одреди;

2. Патниците треба да поминуваат 3 ленти за да стигнат до автобуските постојка кои ќе бидат на средина на булеварите или при излегување од автобусот да го поминат булеварот а не како сега директно од автобусот да се најдат на пешачка зона. Со ова за дупло се загрозува безбедноста. Покрај тоа, на секоја станица треба да има пешачки натпатници, што е многу скапо и патниците нема да ги користат;

3. Дали знаете дека главната водоводна цевка со дијаметар од Ф 1.600 мм од која со вода се снабдуваат општините Сарај, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Драчево, Зелениково и Студеничани е градена 1967-1968 со заварени челични цевки и се наоѓа на 2 метри длабочина во средишната зона на булеварот Партизански одреди, така што и најмали осцилации може да имаат фатални последици. Средишната зелена површина преставува заштитна зона на водоводната цевка, која ќе биде уништена;

4. Главното образложение на власта е дека ќе го скрати патувањето за двојно од сегашното што е апсолутна невистина и непостојат никакви сообраќајни пресметки како би се извело истото. Времето на патување е од излегување од дома до стигнување на крајната дестинација (од дома до автобус, од автобусот до работно место, трговски центри…), а не само времето поминато во автобусот БРТ;

5. Ќе се намали бројот на автобуски станици со што ќе се одвраќаат патниците да го користат БРТ;

6. На трасата нема да сообраќаат други автобуси освен БРТ, што ќе значи дека патниците или ќе сменат траса или ќе имаат сигурно по минимум едно, а може и три прекачувања во друг автобус за да стигнат до саканата цел со што ќе се зголеми времето на патувањето. Бидејќи по оваа траса нема да се движат другите автобуси ќе биде потребно целосна реорганизација на автобуските линии за да ги донесуваат патниците до овие БРТ траси и да ги вратат назад;

7. Град Скопје има многу мала траса од само 12 километри која е неисплатлива и ќе нема ефект. Брз Автобуски Превоз прават милионски градови каде трасата е долга минимум 50 километри или пак во помали градови каде се користи во одредени временски интервали на одредени релации како дополнување на трамвајскиот превоз. Доказ за ова е дека само 2 града во европаго применуваат тоа само на својата периферија а никако како главен превоз;

8. Доколку се сака забрзување на сообраќајот со истите финансиски средства би се изградила подземната сообраќајница од Влада до Комплекс банки која ќе го скрати патувањето за половина час и во автобускиот и во автомобилскиот превоз од Аеродром до Карпош т.е исток – запад и обратно;

9. Втора рута за која се оставени проекти во градот е подземната сообраќајница позади Рамстор со иновативни кружи текови на две нивоа која комплетно го решава проблемот со сообраќајот од насока од Карпош до Кисела Вода и Аеродром и обратно;

10. Изградбата на подземни сообраќајници, раскрсници на две нивоа и забрзување на сообраќајот значително го намалува загадувањето и времето на патување, додека кај БРТ се форсира само автобускиот превоз, а се забавува или останува непроменет автомобилскиот и велосипедскиот сообраќај;

11. Со изградба на подземните сообраќајници автомобилскиот сообраќај во централното градско подрачје би се намалил за најмалку 50 %, а со тоа се зголемува просторот за пешачки зони и велосипедски сообраќај;

12. Најобјективно, еколошки и 10 пати поефтино би било по овие траси да се вози со електрични автобуси кои ќе возат по крајната десна лента и на овие траси да може да одат и другите автобуски линии.

13. Трасата од Пинтија до Бутел (кај Скопје Север) е скоро неизводлива и ќе го блокира цел останат сообраќај, посебно во делот на Чаир и Кисела Вода, бидејќи од двете ленти во една насока едната ќе биде заградена за БРТ, а за другите возила ќе остане само една лента. Ова ќе придонесе за загушување на сообраќајот, а особено во Чаир која е најгусто населената општина во Скопје.

14. Вакви Авантури не се прават набрзина и на неколку месеци пред избори, а ако се прават целта им е да ги залажат граѓаните. Нека се почека до изборите и ако граѓаните му поверуваат ќе има 4 години да го реализира. БРТ е авантура од 70 милиони евра + камати нешто кое Скопје и Скопјани т.е Владата не треба да си го дозволат зошто тоа ќе предизвика долгогодишни сообраќајни, безбедносни и финансиски проблеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.