Кандидатот за градоначалник на Скопје од Твоја партија, Александар Тортевски, во дебата на „360 степени“ изјави дека урбанистичкото планирање е извор на огромен криминал и во градот Скопје и во државата.

Би рекол дека е еден од најголемите. Урбанистичките планери се поврзани со инвеститорите кои имаат намера да градат. Даваат понуди за смешни цели за урбанистичко планирање кое е пресериозна работа. Имаме случаи каде што е прифатено планирање и изработка на урбанистички план за едно евро по хектар. Меѓутоа, тој планер е договорен со потенцијален инвеститор кој ќе му даде неколку стана откако ќе ја заврши зградата и однапред се знае тој инвеститор кое државно земјиште ќе го докупи за дооформување на парцелите. Тука се прави најголемиот криминал. Имаме во центарот на Скопје случај каде што исклучително скапо земјиште е продавано по едно евро за квадрат за доофурмување на парцела и таму подоцна никнува огромна зграда – истакна Тортевски.

Според него, профитот на градоначалникот, вообичаено е во материјални средства односно станови.

Тортевски предлага да се смени и начинот на кој се финансираат општините и Град Скопје.

Потребна е сериозна контрола на начинот на финансирање на општините и тоа мора да се смени. Во овој момент, градоначалниците се оправдуваат дека градбите им носат голем дел од приходите, затоа општините не треба да се финансираат од комуналии и треба да се изедначи цената на градежно земјиште, без разлика дали се гради зграда или парк. Тогаш граѓаните нема да бараат на нивното земјиште да се изгради зграда – вели Тортевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.