Министерот за образование и наука, Арбер Адеми на денешното поставување на новата табела на основното училиште „Имри Елези“ во општина Чаир објаснуваше дека имињата на училиштата не ги определува Владата, ниту министерот за образование и наука, туку иницијативата почнува од Училишниот одбор, бидејќи ова прашање се решава со Статутот на училиштето, а предлагач на статутот на училиштето е Училишниот одбор.
Според Адеми, потоа треба да се добие одобрение и од основачот, т.е. општинскиот совет, па потоа на крајот согласност и од министерот за образование и наука.
„Министерот за образование и наука дава согласност за статутот што го предлага училишниот одбор“, рече Адеми.
На прашањето зошто училиштето „Никола Вапцаров“ е преименувано во Имри Елези, загинат припадник на ОНА во војната во 2001 година Адеми одговори: „Ако ги погледнете имињата низ целата територија на Македонија не секогаш се ставаат имиња на училишта од писатели, нобеловци, академици, има и имиња на комити“.
Тој кажа дека секогаш кога од него како министер за образование и наука било побарано согласност за преименување на училиште или промена, измена или дополнување на статутот на училиштето, со кој се именуваат и училиштата, имало согласност.
„Секогаш во нашите обраќања сме истакнувале дека имињата на училиштата не треба да се политизираат, туку напротив имињата на училиштата треба да ја рефлектираат волјата на граѓаните, каде е воспоставено тоа училиште, волјата на наставниците, на стручните работници, на родителите… Не би сакал да навлегувам во прашања на политизација и партизација на ваквите прашања кои се однесуваат на преименувања на конкретни училишта. Тие треба да ја рефлектираат волјата на граѓаните“, изјави Адеми.
Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека не знае оти има иницијатива за преименување и на средното училиште „Цветан Димов“.
Поставувањето на новата табла беше одбележано и со културно-уметничка програма на која покрај министерот присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерот Бујар Османи, пратениците Артан Груби и Ејуп Алими, поранешниот и актуелниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити и Висар Ганиу.
Таблата со новото име на припадникот на ОНА беше откриена со државното и со знамето на Албанија. На присутните во училиштето им се обратија Талат Џафери, Бујар Османи, Арбр Адеми, Изет Меџити и Елез Елези, брат на Имри Елези.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.