Иако апаратите за регистрација во автобусите како невалидни ги регистрираат студентските билети кои не се продолжени, контролорите не ги казнуваат студентите бидејќи се запознати со одлуката на ЈСП Скопје за продолжување на важноста на годишните студентски билети до крајот на февруари.

Во редакцијата на МКД.мк се јавија неколку студенти кои велат дека и покрај одлуката на ЈСП-Скопје за продолжување на важноста до крајот на февруари на бесплатниот годишен билет за редовните студенти, дека апаратите за регистрација на билети во автобусите нивната годишна карта и денеска и вчера ја регистрира како невалидна. Тие се во недоумица дали треба да платат 40 денари за билет или не, бидејќи на 30 декември ЈСП-Скопје објави соопштение во кое се вели дека студентите кои не успеале да ги продолжат своите годишни билети, дека нивните билети имаат важност уште два месеца.

Од ЈСП-Скопје за МКД.мк велат дека студентите кои имаат годишен билет не мора да се регистрираат при влез во автобусот, бидејќи софтверот на апаратите за регистрација не е менуван и дека секој контролор е запознат со одлуката на Јавното претпријатие. Доволно е студентот да му го покаже својот билет на контролорот, велат од ЈСП.

Од претпријатието додаваат дека со одлуката од 30 декември им се излезе во пресрет на студентите кои поради проблемите со пандемијата не успеале да обезбедат потврди за редовно студирање. Но и дека станува збор за релативно мал број на студенти поради што не е извршена интервенција во системот, која веќе беше направена во ноември.

„Станува збор за помал број студенти во однос на студентите кои своите билети ги продолжија. Потсетуваме дека наместо во декември, рокот за продолжуавање беше поместен месец дена порано, уште во ноември, со цел поради пандемијата и почитувањето на здравствените протоколи да не се создаваат гужви пред билетарниците. Помал број студенти поради некои административни проблеми на нивните факултети не беа во можност да ги продолжат билетите, затоа рокот е продолжен до крајот на февруари”, велат од ЈСП-Скопје.

Во соопштението од 30 декември, меѓу другото пишува:

„ЈСП Скопје излезе во пресрет на барањето на УСС (Универзитетско студентско собрание) при УКИМ, кое побара продолжување на рокот со оглед на актуелната ситуација со ковид-19, која на значителен број студенти на одредени факултети предизвикува потешкотии при обезбедување на потребната документација за продолжување на важноста на билетот. ЈСП Скопје апелира до сите студенти, корисници на билетот за бесплатно користење на јавен превоз, навремено да ја обезбедат потребната документација, како би го испочитувале дадениот продолжен рок за продолжување на важноста на билетот”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.