Имаме проект „Ѓорче Петров без кал“, со кој што сакаме да ги опфатиме сите улици во општината, така што ќе ги асфалтираме сите улици во урбаниот и руралниот дел, вели Александар Стојкоски, кандидат за градоначалник за општина Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој во емисијата „Што не е јасно“ која се емитува на телевизија Алфа, истакна дека во неговиот градоначалнички мандат целосно ќе се фокусира во подобрување на целокупното живеење на граѓаните, така што во руралниот дел на општината ќе се посвети и на целосно завршување на канализациониот систем, додека во урбаниот дел ќе се посвети на реконструкција на подземната инфраструктура.

Ќе ставиме силен фокус на реализација на проектот „Ѓорче Петров без кал“, со кој што сакаме да ги опфатиме сите улици, да ги завршиме со асфалтирање или во дел поставување на павер елементи, онаму каде што имаме техничка можност тоа да го изведеме, во руралниот дел, завршување на канализациониот систем, комплетно со поврзување на селата Ормани и Никиштани и завршување во делот на Волково и Кисела Јабука. И во другиот дел да се фокусираме, понатаму силно, на реконструкција на подземната инфраструктура во урбаниот дел на Ѓорче Петров,  истакна Стојкоски.

Тој истакна дека руралните средини на општината, се целосно запоставени од актуелната локална власт, така што изоставено е асфалтирањето на бројни улици, а од друга страна урбаниот дел, иако забрзано се урбанизира, сепак не ги задоволува потребите на граѓаните, бидејќи објектите кои што во моментот се градат се предимензионирани во однос на тоа што постоечката инфраструктура може да го издржи.

Кога зборуваме за општината Ѓорѓе Петров, може да зборуваме за урбаниот и руралниот дел и така генерално ги делиме проблемите, бидејќи овие две средини си имаат посебни специфики. Додека во руралниот дел најголем проблем е недоизградената инфраструктура, во урбаниот дел имаме засилен процес на урбанизација и сега се јавува нов проблем на овој терен, бидејќи постоечката инфраструктура не ги задоволува потребите на граѓаните кои што живеат во општината, бидејќи во моментот објектите кои што се градат се предимензионирани во однос на тоа што постоечката инфраструктура може да го издржи, истакна Стојкоски.

Стојкоски истакна дека со неговото доаѓање на чело на општината, истата ќе ја направи да биде пример за функционирање и работење од која пример ќе земаат другите општини низ државата.

Ѓорче Петров ја замислувам како модерна и урбана општина која што ќе биде пример за сите други општини. Не да земеме ние пример од другите општини, туку другите општини да земаат пример од нас. Јас верувам дека во Ѓорче Петров има доволно капацитет и на луѓе, и на идеи, и на ресурси за да сето тоа ни го оствариме, истакна Стојкоски.

Во однос на изборната кампања и програмата со која ќе ги бара гласовите на ѓорче петровци, тој истакна дека во неговиот фокус се три главни проекти и проблематики кои се суштински за општината. Главен проблем за кој што ќе се заложи е Општина Ѓорче Петров да ја направи економски одржлива развојна општина.

Во мојата изборна кампања, јас се фокусирам на три главни нешта, за кои што сметам дека се функционални и дека една со група се надополнуваат, а тоа е пред се одржлив економски развој на самата општина, истакна Стојкоски.

Друг, главен приоритет на Стојкоски за Ѓорче Петров е да подигни многу зелени површини, нешто што во моментов му недостига на општината и нивно одржливо управување. Трет приоритет во неговата изборна кампања е, континуираната работа и вложување во делот на инфраструктурата, со што ќе се дојде до решавање на сообраќајниот хаос.

Понатаму, подигнување на многу зелени површини и одржиливо управување со истите во делот на заштита на животната средина и континуирана работа во делот на инфраструктурата“, истакна Стојкоски.

Тој, пред граѓаните се заветува на континуирана и посветена работа во нивен интерес и решавање на нивните проблеми уште од првиот ден на почетокот на неговиот градоначалнички мандат и дека целосно ќе се фокусира во подобрување на целокупното живеење на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.