Сè уште се работи на расчистување на отпадот од депонијата во Ново Село, која според најавите на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, ќе се претвори во парк со содржини за рекреација.
Активностите на терен ќе продолжат и во следниот период, иако траат веќе подолго време. Планираме да засадиме дрвца и да обезбедиме услови за спортско-рекреативен живот. Целта е да го заживееме просторот и од депонија да го претвориме во место за социјализација на локалното население, рече Стојкоски денеска во „Утрински брифинг“.
Површината на сметиштето е околу 6,6 хектари, дел од ѓубрето се пренесува во Дрисла, додека чистата земја се користи за да се порамни површината.
Според градоначалникот поголем предизвик од самото чистење, ќе биде одржувањето на депонијата.
Ќе има засилени инспекциски контроли од страна на инспекциските служби и комуналните редари. Ќе бидеме многу ригорозни во делот на санкционирање за сите кои ќе се обидат повторно да депонираат смет од различен карактер. Ќе бидат поставени и надзорни камери, а апелирам и до локалното население да ни помогне при детектирање на сторителите, со видео и фото материјали, по што ние ќе постапиме во координација со полициската станица Ѓорче Петров. Бидејќи ние не можеме толку да исчистиме колку што можат несовесните граѓани да депонираат отпад, додава Стојкоски.
Тој вели дека изминатиов месец ја санирале пешачката патека на кејот на Вардар, аплицирале за изградба на нова детска градинка во Стопански двор, а ќе ги испитаат можностите за доградба на нови капацитети во рамки на веќе постоечки детски градинки.
Наследивме многу предизвици во однос на започнати, а нерализирани проекти, но и во делот на финансиите. Се обидувам да ги реализирам проектите за асфалтирање на улици кои беа започнати, во јавен интерес на граѓаните е да се завршат сите веќе отпочнати работи, нагласува градоначалникот Александар Стојкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.