Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски, при гостување во „Утрински брифинг“ на СлободнаТВ, истакна дека во периодот откако стапил на функцијата градоначалник, тој и неговиот тим почнале интензивно да се грижат за она што претставувало најгорлив проблем за жителите на Гази Баба, а тоа е подигнување на комуналната хигиена и чистота во општината.
Во изминатиов период отстранивме повеќе од 16 диви депонии на територијата на општина Гази Баба, почнавме со чистење на сите плоштади, улици во сите населени места. Паралелно со тоа почнавме и со неколку капитални проекти, односно по повеќе од педесеттина години во населеното место Страчинци почнавме со изградба на фекална канализација. Понатаму, почнавме втора фаза изградба на фекална канализација во населеното место Гоце Делчев, исто така поднесовме апликација за финансиска поддршка за изградба на детска градинка во населба Керамидница.
Тие се едни од приоритетите кои што ги ветивме пред граѓаните и навистина уште од самиот почеток сакаме да покажеме дека она што сме го ветиле планираме уште од првиот ден да почнеме да го реализираме. Сакаме да ја смениме онаа слика за политичарите во која сите функционираат само пред избори. Наша цел и моја заложба е да се почувствува прогресот во сите четири години – порача Стефковски.
На прашањето за најавената изградба на фабрика за тешка загадувачка индустрија против која протестирале повеќе здруженија на граѓани, Стефковски истакна дека граѓаните со право го кренале гласот и дека веднаш по доаѓањето на функцијата извршил ревизија на проектот за отворање на фабрика за хемиски отпад и донел решение со кое е стопирана таа изградба.
Стефковски порача и граѓаните да бидат спокојни и дека сѐ додека е тој градоначалник нема да дозволи отворање на нови капацитети за загадувачка индустрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.