Опасност од затворање и претстои на градинката „Пеперутка“ во Стајковци, која се отвори минатото лето, а во септември ги пречека првите дечиња. Проблемот е во немањето наставен и технички кадар. Сегашните вработени во градинката плата добиваат од општина Гази Баба, но градоначалникот на општината, Бобан Стефковски за „Слободен печат“ вели дека станува збор за големи месечни трошоци, кои наместо да бидат наменети за подобрување на комунална инфраструктура тие одат за плати, кои се обврска на Министерството за труд и социјална политика.

Веќе се појавуваат застои и пречки во работењето на општината како последица не недоволната соработка со централната власт. Се соочуваме со опасност да ги затвориме групите во клонот „Пеперутка“ во Стајковци. Иако градинката „25 Мај“, има поднесено барање до Министерството за труд и социјална политика за одобрување на 21 вработување на негователки и воспитувачки, се уште немаме позитивен одговор, а платите на вработените ги обезбедува општината. Се работи за голем трошок кој наместо да се намени за подобрување на инфраструктурата, се наменува за плати за вработени, што е единствен ваков случај. Ако Министерството продолжи да ги игнорира нашите барања, ние ќе ја затвориме градинката, а децата ќе останат дома, предупредува градоначалникот.

Тој вели и дека проблем со соработката имаат и со Министерството за образование и наука.

Општината има издадено и одобрение за градба на ново основно училиште во населба Ченто. На 15 ноември се обратив до МОН за да ме информираат за постапката од нивна страна, односно кога ќе се распише тендер за изградба на основното училиште, но и по еден месец ниту од ова министерство немаме повратен одговор, додава Стефковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.