Средношколци од гимназиите „Никола Карев“ и „Раде Јовчевски Корчагин“ утринава се собраа во училишните дворови приклучувајќи се на најавениот бојкот поради огромното загадување на воздухот, пренесува „Радио МОФ“.
Како што пренесува порталот, учениците првично од „Карев“ прво биле собрани во дворот, но потоа бојкотот го продолжиле внатре во холот на гимназијата, а дел од нив се пожалиле дека директорката излегла да ги фотографира за време на бојкотот. Исто така, им се заканувале и со пишување на неоправдани изостаноци и други казни.
Уште вчера средношколците почнаа да се жалат дека врз нив се применуваат закани поради најавените протести против загадувањето. Им биле блокирани и репортирани профилите на социјалните мрежи преку кои го организирале протестот, професорите им се заканувале, но и закажувале тестови баш за денес, како што се жалат средношколците, со цел да се оневмозможат во својата намера да излезат на протест против загадувањето во Скопје.
Организаторите вчера информираа дека обидот да го кренат гласот против загадувањето најпрво преку социјалните мрежи е блокиран преку репортирање на профили кои служеле за искажување на револтот.
До нас стигнаа информации дека професорите ги искористуваат нивните надлежности и закажуваат тестови и испрашувања, па затоа оттука сакаме да им испратиме апел дека нема да не запрат во личното човечко право да се бориме за нашето здравје, бидејќи секој од вас го дише истиот “воздух” како и ние!“, велат од Средношколски глас.
Додаоа дека денеска ќе ја блокираат целосната училишна настава и ќе излезат за да се спротивстават на секое лошо, односно овој пат на загадувањето на воздухот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.