Државниот пазарен инспекторат синоќа го затвори кафулето „Интермецо“ во скопската населба Капиштец, поради непочитување на протоколите на Владата за заштита од ковид-19. Во кафулето синоќа имаше журка со светски познатиот диџеј Роџер Санчез, која десетина дена беше најавувана како спектакуларна. Во координираната акција на Општина Центар, Министерсвото за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат било утврдена дека во локалот после 22 часот се направила голема гужва односно не се почитувале препопраките, поради што журката е прекината и кафулето затворено, објави САКАМДАКАЖАМ.МК.
Гостите имаа сертификати за вакцинација. Бидејќи имавме најава за журката, на врата полицијата ги легитимираше гостите и им бараше сертификати. Проблемот настана подоцна, кога според бројот на продадени карти локалот се преполни со гости и на тој начин не се почитуваа протоколите – вели директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска-Димоска.
Според записникот на инспекторите, денеска ќе се одреди колкава ќе биде казната за локалот. Според законот, локалот може да биде затворен од 10 до 30 дена, казната за одговорното лице е 1.500 евра, а за правното дополнително ќе се одреди според големината на локалот.
На терен вчера биле и инспекторите од Општина Центар и пајак службата на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ кои собирале неправилно паркирани коли со кои буквално била блокирана улицата Народен фронт.
Ова не е првпат кафулето „Интермецо“ да биде затворено. Лани во октомври, доби забрана за работа од 30 дена поради пуштање гласна музика, но сопствениците си ја тргнаа пломбата и уште наредниот ден продолжија да работат. Потоа од Општина Центар поднесоа кривична пријава, а Обвинителството предложи казна од 5.000 евра за тргање на пломбата. Во јули, Општината повторно го казни „Интермецо“ за пуштање гласна музика, но џабе, во локалот секојдневно се одржуваат журки и концерти со гласна музика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.