Жители на улицата „Питу Гули“ на Водно утрово забележале дека во неизгадениот дел со шума, над нивните куќи, на една од парцелите се оградува просторот. Тие алармираат дека сопственикот на парцелата се подготвува за сеча на шумата и изградба на куќа, иако вчера, на граѓанска средба во Општина Центар добиле уверување дека локалната власт бара правни механизми да го спречи тоа, објави „360 степени“.

Со обезбедување дојдоа во 6 и пол сабајле, иако вчера на средба во Општината добивавме уверувања дека ќе преземат сѐ што е во нивна моќ за да го спречат ова. Ние сто пати прашавме што ако дојде утре сопственикот и почне да сече шума, да гради. Општинарите нѐ уверуваа дека се бараат правни механизми. Очигледно е дека мудро е темпиран периодот, во време на празници, секако сабајлечки, но објаснете ми, ве молам, кој во оваа земја го штити интересот на граѓаните?! Кажете ми зошто јас и моите соседи треба некогаш повторно да им веруваме на институциите или, пак, да ги извршуваме нашите граѓански должности – за „360 степени“ вели Леана Таќи, жителка на Водно.

На парцелата е истакната информативна табла дека ќе се гради семејна куќа за која дозвола дала Општина Центар.

Друга жителка на Водно, на социјалните мрежи објави фотографии за тоа како од утрово изгледа соседството, со зборови „дојдоа да го покосат брдото“.

Иако дозволата за градба е издадена од општина Центар, од локалната власт велат дека овластен градежен инспектор е на терен и за во текот на денот најавуваат соопштение за медиумите.

Од „Шанса за Центар“ сметаат дека Општина Центар треба да ги сопре сите градежни активности на Водно.

Научно и со анализи е докажано дека шумата на Водно има клучно значење за заштита на Општина Центар од поплави и порои и е круцијална во борбата против загадувањето на воздухот. Бараме да се избегнат и големите трошоци за пробивање на исклучително стрмен пристапен пат до локациите на кои се планира градба, а со тоа и да се заштити правото на приватна сопственост на жителите на кои им се планира одземање на делови од дворовите за пробивање на патот. На средбата меѓу претставници на општината и жителите на Водно која се одржа во понеделникот, жителите најавиле тужба и дека ќе бараат времена мерка за запирање на градежните зафати. Симптоматично е што само неколку часа подоцна, во раните утрински часови во вторникот, инвеститорот со приватно обезбедување почнува да ја оградува парцелата – реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која има тројца советници во актуелниот Совет на Општина Центар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.