Резултатите се видливи на секој чекор и сите ветувања дадени пред 5 години, пред парламентарните избори се реализирани, порача потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски на собирот на Караванот „Најдоброто за мојата општина“ во Општина Гази Баба.
Спасовски истакна дека СДСМ изминатите четири години работеше вредно, одговорно и отчетно, додавајќи дека политиките на партијата се за граѓаните, за зголемување на животниот стандард, за унапредување на инфраструктурата и условите за живот во секоја општина, во секој град и населено место.
Пред четири години наследивме општини заглавени во долгови, без планови за развој, опустошени, помогнавме на сите општини да се раздолжат, обезбедивме и дополнителни 500 милиони евра за нови проекти на локално ниво, наместо барок и споменици, изградивме нови улици и патишта, водоводи, канализации, прочистителни станици, градинки, училишта, библиотеки, игралишта, нагласи Спасовски.
Тој истакна дека изминатите четири години се реализирани над 7.000 проекти во општините, од нив над 200 се во Гази Баба, која во минатото со ВМРО ДПМНЕ, беше заборавена и отсечена Општина, без водовод и канализациски систем во населените места.
Со СДСМ граѓаните се на сигурно, знаат дека проблемите што со децении ги мачеа можат да се решат, а од другата страна имаме криминална структура, која се уште го слуша Груевски, рече Спасовски, додавајќи дека во центарот на Скопје расфрлија 700 милиони евра во барок, стиропор, жални врби, палми, споменици и како круна на се ја изградија Белата палата, бела само однадвор, внатре полна со црнила од режимот, криминалот и корупцијата.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ работи на принцип на блокади и поделби, бледа копија на режимот, која ја влече државата назад.
За нас нема мали и големи, важни и неважни општини, нема урбани и рурални, затоа што во државата секој е важен, се бориме за секој еден, и така ќе продолжиме, да ја развиваме целата држава подеднакво, порача Спасовски.
Тој истакна дека со актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат Борис Георгиевски, Гази Баба стана позитивниот пример за работењето на СДСМ и на локално и на централно ниво.
Затоа имам лесна задача да ве повикам повторно да му ја дадете довербата на сегашниот и иден градоначалник Борис Георгиевски, да имаме победничка советничка листа, предводена од Александар Саша Димитријевиќ, да престанат блокадите. Не помалку важно е да имаме градоначалник на град Скопје, за да имаме кадри кои посветено работат на развојот на општините и за државата и ги повика граѓаните на 17 октомври да му ја дадат поддршката и на старо новиот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов, бидејќи на Скопје му треба градоначалник со визија од 10, 15 години, кој не гради Скопје 2014, туку гради мостови, ги спојува граѓаните, а не ги разединува. На 17 октовмри, масовно да гласаме за бројот 12, за голема победа во Гази Баба, за голема победа во Скопје, повика потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски.
Кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на општина Гази Баба, Борис Георгиевски истакна дека пред четири години ја презел општината со долг од над 2 милиони евра целосно заборавена општина, оставена во 19 век.
Посветено работиме за секое населено место, неселективно и ги решаваме проблемите кои ги наследивме од минатото. Како градоначалник предложен од СДСМ и Коалицијата, за мене секој човек е важен, токму затоа, денес, Гази Баба, е општина во која рамномерно се инвестира за животот на жителите да е подобар, градиме водоводи, инфраструктура, градинки и училишта, улици и пешачки патеки, порача Георгиевски.
За наредниот мандат Георгиевски најави изградба на 4 нови детски градинки во Синѓелиќ, Ќерамидница, Трубарево и Инџиково, со капацитет за нови 400 деца, реконструкција на домовите на култура во Ченто и Колонија,депонијата Вардариште станува минато, а просторот е планиран само за зеленило, спорт и рекреација.
Ја менуваме Гази Баба, таа станува не само наша, туку и гордост на цело Скопје и цела Македонија, со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов докажавме дека Гази Баба е во приоритетите на градот и така ќе продолжиме во наредните 4 години, со Најдоброто за Гази Баба, за градот Скопје, порача кандидатот за градоначалник на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.