На предлог на советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, Советот на Град Скопје на денешната трета седница со 24 гласа „за“ и 19 „против“ на дневниот ред ја додаде и точката за „Одлука за поништување на одлука за определување и промена на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Град Скопје“.

– Тоа е одлука која што е донесена од претходниот состав и пред изборите и тоа се коси со одредени законски процедури и истата е заглавена во Централниот регистар на Република Македонија. Освен тоа што е донесена несоодвентно и во несоодветно време, според информациите со кој што располагаме, истата има и низа неправилности т.е. недоречености и фали извесна документација за ова одлука. Од овие причини барам овој дневен ред да се надополни и со ова точка како би можело да се исправат сите недоследности во носењето и процедурите на веќе донесената одлука – рече советничката Адноновска.

На овој предлог реагираше поранешната претседателка на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева од СДСМ, кој побара поименично гласање за овој предлог за измена на дневниот ред.

– Прво имам забелешка затоа што не е побарано итност, зошто е итна точка. Второ со Одлука за поништување на одлука не се поништува одлука за носење на улиците, тоа е деловнички прекршок тоа треба да му се укаже на претседателот – рече советничката Јанчева.

Мнозинството на советници во Советот на Град Скопје, го сочинуваат советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.