Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, да си даде оставка бидејќи, како што тврдат, покрај морална, има и кривична одговорност затоа што бил во Маврово изминатиот викенд кога главниот град беше во карантин.

Градоначалникот Петре Шилегов како одговорен на градскиот кризен штаб и како прв човек во градот треба да ја споделува маката на граѓаните кои во Скопје останаа три дена затворени. Тој она што го направи е избега од Скопје во Маврово и не беше под карантин. Освен градот што остана без градоначалник, кој со оглед на неговата неработа и не е некоја загуба, остана и без првиот човек на кризниот штаб што пак повлекува и кривична одговорност. Шилегов поради морална и кривична одговорност треба да си даде оставка, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Шилегов, пак, рече дека опозицијата нема аргументи да се спротивстави на доброто водење на Градот, па извртува тези и покрај тоа што не знае кога заминал во Маврово и кога се вратил.

Очајот или немањето на аргументи да се спротивстават на новите политики кои ги креира Градот и на сериозната имплементација и подобрување на работењето на Градот опозицијата ја заменува со искривување на тезите за тоа каде бил и што бил градоначалникот. Јас ќе одговорам на тие лажни прозивки на опозицијата со уште поголем ангажман, изјави Шилегов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.