Графити со недолична содржина насочени кон членовите на СОНК кои беќе петти ден се во генерален штрајк, утринава биле забележани на детска градинка во Општина Ѓорче Петров.

Градоначалникот Александар Стојкоски информира дека случајот е пријавен во МВР и очекува брзо пронаоѓање на сторителите.

Досега невиден акт на вандализам.Вандализиран е објектот на детската градинка Росица, клон Детелинка, во УЗ Мирче Ацев. Пријавено е до надлежните институции и го повикувам Министерство за внатрешни работи во најбрз можен рок да ги пронајде сторителите и соодветно да ги санкционира, објави Стојкоски.

Вчера во градинката „Калинка“ се случил инцидент. Полиција интервенирала кога родител на две деца со погрдни зборови и закани им се обраќал на директорката и воспитувачките на градинката, тропал по врати и ѕвонел на домофоните додека другите деца спиеле, откако се изнервирал кога ја дознал одлуката на Управата на градинката, сите деца од петте клона да бидат згрижени во еден објект.

За „Слободен печат“ раководителката на градинката објаснува дека одлуката сите деца да бидат згрижени во еден објект била донесена поради малиот број негувателки кои одлучиле да не го поддржат штрајкот на наставниците.

Засега е непознато дали денешниот инцидент е поврзан со вчерашниот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.