Град Скопје потпиша договор со компаниите „РОМ Транспортејшн“ и „ГСТЦ ЛТД“ за изработка на студија за оптиматизација на линиите на автобускиот јавен превоз во главниот град.

Како што велат од Градот, целта е воведување нов систем кој ќе овозможи целосна реконструкција на мрежата на автобуските линии.

Пред две години Град Скопје зема заем во висина од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Со тоа град Скопје и ЈСП почнаа со реализација на проектот за набавка на 33 еколошки автобуси. Во рамките на тој проект од страна на ЕБОР е обезбедена и техничка поддршка преку гранд на неповратни средства за изработка на студија за оптиматизација на линиите на мрежите на автобускиот јавен превоз во Скопје – изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Тој додаде дека од вкупно 17 понуди од светски реномирани консултантски организации во сферата на транспортот од Градот Скопје, бил избран конзорциумот меѓу израелската компанија „РОМ Транспортејшн“ и англиската „ГСТЦ ЛТД“ со понуда во висина од 322.530 евра. Компаните имаат изработено голем број на студии за потребите на јавниот превоз во Израел, Велика Британија, Романија, Литванија, Хрватска, како и други земји членки на ЕУ .

Потребата од ваква студија се наметна поради фактот што актуелна мрежа на линии во нашиот град е направена врз основа на ваква студија која датира уште пред точно 40 години. Имајќи предвид колку градот е променет во последниве 40 години и во однос на популацијата и урбаниот развој, подготовката на вакваа нова студија со која ќе извршиме целосна реконструкција на мрежата на автобуските линии беше повеќе од неопходна – изјави Шилегов.

Тој истакна дека главната цел е зголемување на атрактивноста на јавниот градски превоз што ќе резултира со намалување на употребата на автомобилите.

Со оваа студија очекувам да се појават нови решенија за системот на јавен превоз коишто ќе ја зголемат неговата популарност што недвосмислено ќе води до поголем број на патници кои ќе го користат јавниот превоз правејќи го индивидуалнитот автомобилски превоз помалку атративен, а градскиот оддржлив. Оваа студија на граѓаните на Скопје ќе им понуди нови автобуски рути, напреден систем за наплата и напреден возен ред кој ќе биде во целост во согласност со потребите за мобилност на граѓаните во различни периоди од годината, за време на викендите, за време на празниците, но и во дневните периоди усогласени со временските пикови – соопшти Шилегов.

Дополнително, Шилегов информира дека студијата ќе ги вклучи двете рути на брзиот автобуски транспорт БРТ, со алтернативни сценарија со една рута и без овие рути за периодот пред неговото пуштање во употреба. Тој додаде дека реализацијата е предвидена за временски период од 12 месеци.

Оттука убеден сум дека за помалку од две години нашите современи скопјани ќе можат целосно да ги почуствуваат придобивките од новата организација на јавниот превоз во Скопје, а со имплементација на системот верувам дека ќе може да се пофалиме дека имаме најдобро органзиран јавен превоз во регионот, меѓутоа и пошироко во Европа – изјави Шилегов.

Моше Хирш, генерален менаџер на „РОМ Транспортејшн“, изјави дека нивната компанија во последниве 15 години комплетирала и завршила околу 80 вакви проекти ширум светот, а сега се пред нов предизвик да се докажат.

На прес-конференцијата Шилегов одговарајќи на новинарско прашање напомена дека тој како градоначалник, инфраструктурата на градот ја гледа врз основа на податоци, анализи и студии.

По основ на тие податоци ние ќе ја правиме проценката и уредувањето на движењата на возилата, она што вие не го гледате во моментов, а што се одвива тоа е изработката на тунелот под Стара железничка станица, а ние како град некаде во текот на средината на наредната година ќе почнеме да работиме на конектирањето на тој тунел со останатата инфраструктура. Тоа е тунел којшто ја спојува „Иво Лола Рибар“, односно „Теодосиј Гологанов“ со Кисела Вода. Во меѓувреме работиме на два коридора од општина Аеродром и општина Кисела Вода. Улица „Есенинова“ и ја почнуваме сега „Васко Каранѓеловски“. „Васко Карангелевски“ го спојуваме на мостот на бул. АСНОМ, а за Аеродром ги спојуваме преку „Есенинова“ до излезот од тунелите под Железничка – изјави Шилегов.

Воедно потсети дека градот прави стратешки развој на инфраструктурата и дека за тоа ќе биде потребен посебен брифинг со мапи, со цел подобар увид на градежната активност во градот.

Она што имаме во општина Аеродром имаме еден излез на градот кај Железничка станица. Истиот е сличен и за граѓаните на Лисиче. Она што го работиме со мостот на булеварот АСНОМ е отворање нов коридор. Да потсетам дека во Лисиче и во Аеродром живеат околу 80-90 илјади луѓе коишто сега се движат по еден коридор којшто е паралелен, едниот завршува кај „Веро Центар“, другиот завршува кај „Тутунски“. Со пробивањето на мостот вие де факто на тие 80 илјади граѓани им овозможувате излез кон „Мавровка“, значи директно ги внесувате во средниот ринг и кога ќе го имате тој влез на возила како импакт во анализите што ги правиме за сообраќајот тогаш го регулирате движењето на возилата и во малиот и во средниот ринг. Сè друго е импровизација. Јас не сум човек што сака да импровизира – изјави Шилегов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.