Договорот кој скопскиот градоначалник Петре Шилегов го склучил со фирмата „Аполо Инженеринг“ за изнајмување на возила за чистење на снег на улици во Скопје во периодот од 15 ноември до 15 март за оваа и наредната зима e за цена од 64.900.000,00 денари, покажуваат документите до кои стигна „Економски Лидер“.

Во оваа сума се вклучени само 40 часа работа на механизацијата на месечно ниво, а сè над тоа се плаќа дополнително, со што сумата може да расте и неколкукратно.

Иако во првите два месеца од договорот, од 15 ноември 2019 до 15 јануари 2020, не падна снег, кон фирмата добитник на тендерот исплатени се околу 263.000 евра или околу 16.225.000 денари, иако реално фирмата за истиот период нема трошоци.

Доколку и следната зима има временски услови како оваа, фирмата „Аполо Инженеринг“ со која Петре Шилегов склучи договор ќе инкасира над 1.000.000 евра (64.900.000 денари) а при тоа имала минимални трошоци.

Во прилог и договорот кој Шилегов го потпишал со оваа компанија:

Носител на зимската служба во градот Скопје е ЈП Улици и патишта, основано од Град Скопје. Ова претпријатие има многу стара механизација, со камиони за расчистување на снегот постари од 40 години. Со 64.900.000 денари Шилегов можеше да вложи во 10 целосно нови современи камиони за расчистување на снег за ЈП Улици и патишта.

За споредба, механизацијата која ја користи фирмата добитник на тендерот за расчистување на снег во зимски услови е исто така стара, најголерм дел од возилата се со старост над 15 години, најголем дел донесени од Велика Британија, со цена не поголема од 30.000 евра за едно возило. Во превод со парите кои ќе ги добие од овој договор „Аполо Инженеринг“ може да си купи уште 30 возила за расчистување на снег.

Извор: Лидер



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.