Згради залепени една до друга, каде од тераса или прозор можете на соседот да му гледате директно во станот. Ваква е сликата во скопската населба Капиштец, близу булеварот Водњанска. Но, слични или идентични примери има и во останатите делови од метрополата.
Според граѓаните тоа е вистински урбанистички хаос, но за премиерот Зоран Заев, пак, тоа било градење со усул. Прашан како очекува поддршка на локалните избори, кога не го исполниле едно од клучните ветувања, за средување на урбанистичкиот хаос во главниот град, Заев изјави дека тоа не било вистина, дека сега имало усул и се градело за развој на градот.
Скопје се гради со усул, се гради и периферијата и централниот дел на градот, во сите општини рамноправно. Затоа што не смее и не треба да го запреме развојот на Скопје. Сега ставивме ред во растот и развојот на Скопје, се надевам и во следните четири години, како што очекуваме поддршка, ќе продолжи растот и развојот на градот со усул – изјави Заев.
Примери за урбанистичкиот хаос во Скопје има во сите општини. Реакциите се бројни, а најгласни беа за планираната бетонизација во срцето на градот, како што се висококатниците карши хотелот Холидеј Ин кои и покрај сите ветувања добија зелено светло. Заев тврди дека за ваквата состојба тие не биле виновни, оправдувањето го бара во деталните урбанистички планови донесени во минатото.
Јас ви кажувам за анализата на сегашните одобренија на градба, издадени минатите четири години. Имате одобренија за градба издадени во 2013, 2015 година, коишто се право на граѓаните. Такви имаме издадени одобренија и во градот Скопје и во Охрид, коишто се проблем за УНЕСКО. Денес сите овие проекти коишто беа замислени со 30, 50, 60 ката, максимален габарит, блокова поставеност, сите се откажани – изјави Заев.
Инаку, во пресрет на локалните избори, Заев како веќе да ја почна кампањата. Денеска промовираше мост кој се уште не почнал ниту да се гради, но ветија ќе бил готов за 18 месеци.
Со Заев во Карпош беа и Петре Шилегов и кандидатот за нов градоначалник на оваа општина од СДСМ, Душко Весковски. Инаку, како што е веќе познато, Шилегов ќе трча по нов мандат, а против него ќе има тројца независни кандидати, две од понежниот пол, Данела Арсовска и Ана Петровска, како и музичарот Петар Георгиевски – Камиказа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.