Град Скопје ги објави улиците, булеварите и мостовите кои ќе добијат нови имиња. Листата која треба да се разгледува во вторник на седница на Советот на Град Скопје содржи нови имиња на 485 улици. Сепак, од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов објаснуваат дека не станува збор менување на толку многу имиња на улици, туку повеќе се улици кои досега немале име односно биле именувани со краци или број.

Со оваа одлука ќе бидат вратени и дел од старите имиња на улиците кои беа променити во текот на 2012 година. Со тоа се враќаат имињата на улиците Ленинова, Железничка, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 4 Јули, 29 Ноември, Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други.

Според листата, улицата Адолф Циборовски ќе се вика Горан Стефановски, булеварот ВМРО ќе добие ново име и ќе се вика Блаже Конески, улицата Стив Наумов (поранешна Ленинградска) ќе се вика Славко Јаневски, а улицата 1523 во Кисела Вода ќе се вика Благоја Георгиевски – Буштур. Пешачкиот мост кај зградата на Владата ќе го добие името по неодамна починатиот заменик-градоначалник на Скопје, Енвер Малиќи.

Мостот Тодор Александров популарно наречен мост Близнак ќе биде преименуван во мост Накие Бајрам и Роса Плавева, мостот Слобода кај Холидеј ин ќе се вика мост Вера Ацева, а новиот мост кој се гради од Аеродром кон поранешен саем ќе вика Генерал Михајло Апостолски.

Новиот булевар кој е предвидено да биде изграден од Обиколница до булевар Словенија, а поминува низ Визбегово, ќе се вика Хасан Приштина, булеварот Христијан Тодоровски-Карпош од улицата Џон Кенеди до булеварот Босна и Херцеговина ќе се преименува во Мајка Тереза. Имиња на улици ќе добијат и Беким Фехмиу, Ибрахим Ругова, Адем Демачи и други.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.