Последниот предлог ДУП за градска четврт Ј14 – Расадник, претставува кулминација на урбанистичкиот помор во Македонија. План кој го дефинира поразот на Скопје како град кој многу внимателно се планираше до 90-тите години на XX век. Значи заокружуваме 30 години, одење наназад, особено за Кисела Вода, која нема друг простор за дефинирање на својот локален центар.
Планот нуди загушување, губење на сите термини кои по лекциите од часовите по Урбанизам ги слушавме постојано ( во текот на студирањето), како на пример: градежна линија, габарит, висина, осончување, проветрување, организирање на функции, проектирање визури, зеленило, паркирање, сообраќајници… Сите овие точки кои го дефинираат урбанизмот се применети во својата негативна конотација – стои во статијата објавена од Македонска АРХитектура (МАРХ).
Делувањето на урбанизмот според некои формули кои правилниците ги наложуваат без слободата на проектантот да создаде слика во контекстот на просторот, микро и макро во поглед на градот и нивно спроведување, претставува слепо работење и потценување на професијата, поткрепено од легислативата. Но, никој упорно не ја менува со години, туку ја моделира во правецот на ненаситниот бизнис сектор во градежништвото.
Планот е сосем дефиниран во втората димензија. Бидејќи тоа е многу далечно за окото на читателот, создадовме наједноставен 3д модел според максимите запишани во планот. Резултатот е повеќе од очаен – се вели во статијата објавен од „МАРХ“.
Оттаму заклучуваат дека без посебни анализи ова личи на случајно расфрлани тела низ просторот наместо планско делување со конкретен концепт, иако погледот одозгора одлично лаже.
Густото ткаење со овие височини е еднакво на создавање „кањони“ во кои светлината секако ќе биде еден од главните проблеми. Овој план по верзијата од 2016та, каде исто така реагиравме на густината на објектите, излегува дека е многу подобар во однос на проветрување и ориентација на објектите и изедначената градска слика. Таму недостасуваше официјална парковска површина, повеќето беше зеленило кое ги опркужува станбените објекти, но во компарација со сегашниот предлог, прашање е – што е подобро?! Најдобро е ништо од сето ова, стопирање со заеднички напори на државата, градската и општинската власт, вклучување на фелата и организирање јавен архитектонско урбанистички конкурс со времетрање од најмалку 6 месеци, како би се продуцирале квалитетни решенија ( на кој би претходеле 3 месеци собирање анализи иподатоци за креирање на соодветна конкурсна задача) – објаснуваат од Македонска Архитектура.
Исто така додаваа дека во планот има безброј чудно дефинирани површини за градба, за кои очигледно „визионерот“ се однесува како да не е во тек со случувањата во Скопје, и какви „ремек дела“ од објекти може да произлезат. Замислете кога овие површини ќе ги зафатат секакви инвеститори, згора на тоа ќе бидат и секоја зграда своја приказна. Епа може ли тоа да се нарече план на делување?!
Во таков случај ни треба многу сериозен закон и план кој нема да дозволи безредие за нечие богатење. Најголемата лага е дека ако се постапи според моралните и етичките начела, инвеститорите би биле во загуба. Тоа е блам кој постојано го дозволуваме да се провлекува. Не може да загубите нешто, што не сте го направиле, може заработката да ви биде помала, но истовремено и влогот. Тоа се повлекува паралелно – стои во статијата.
Кулите како објекти, се смета дека се поента во просторот, ориентир, тие креираат визури и идентитет, но пред се за нив важи образложението – растење во височина со цел ослободување на повеќе простор за јавни содржини околу.
Во планот можете да пресретнете 6 петнаесеткатници на растојание од 10 – 20 метри. Објектите се со височина од 49 метри, значи најмалку меѓусебно треба да се на исто толку растојание. Овие правила, во времето на претходниот систем биле внесени како пропис за безбедност – во случај на колапс на некоја од зградите, при падот да не може да повлече со себе некој од околните објекти, појаснуваат од МАРХ.
Целата статија можете да ја прочитате на МАРХ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.