Додека таткото на Скопје си игра позорникар, а градоначалникот на Општина Центар ја јакне меѓународната соработка со Александар Вучиќ, Скопје се мачи со проблеми од среден век.  Во центарот на главниот град има наезда на бубашваби и лебарки, реагираат граѓаните. Бубашваби може да се видат низ улиците, меѓу нозете на пешаците, а исто така проблем има и во зградите, бидејќи истите си лазат и по ѕидовите во домовите. Граѓаните велат дека на горештините принудени се да не смеат да отворат прозорец, оти овие инсекти влегуваат од надвор, односно истите слободно се шетаат околку нивните згради или куќа.

Ова досега не се случило, на постојка на „Рекорд“ ги изброив барем десет, слободно излегуваат и од шахтите, се прашувам дали воопшто некој се грижи или прска против овие инсекти? Не се знае какви болести се може да ни донесат. Во 21 век, принудени сме да се плашиме за своето здравје и хигиена, сами да бараме решение за работа за која треба да се грижат одговорните за општината и градот, вели жител на Центар за „Република“.

Моето дете плачеше од страв кога ги виде пред зграда, навистина се големи, а ги има и многу, надвор е лето, а ние  борба водиме со комарци, бубашваби, лебарки. Како да му објаснам на детето дека не треба да се плаши, дека може слободно да излезе надвор кога и мене не ми е сеедно? раскажува мајка за „Република“.

По реакциите на граѓаните од централното градско подрачје за зголемено присуство на инсекти односно бубашваби и лебарки, побаравме одговор од „Град Скопје“, оттаму за „Република“ велат дека надлежноста за решавање на овој проблем е во општините.

Согласно законските надлежност, наша обврска е само прскањето против комарци, кое Град Скопје го врши секоја година. Согласно Програмата за дезинсекција на територијата на Град Скопје, оваа година започнато е редовното прскање против комарци. Со истото се предвидени неколку прскања против лаври и возрасни форми на комарци, а прскањето се врши од земја и авионски согласно предвидена динамика и временските услови. Веќе се извршени два наврати на третирање на комарци (ларви и возрасни форми) земјено и авионски, а деновиве треба да се изврши и третиот наврат. Општините во Скопје се задолжени за извршување на дератизација, стои во одговорот на Град Скопје.

„Република“ ова прашање го постави и до „Општина Центар“, барајки одговор во служба на граѓаните.

Ве известуваме дека „Општина Центар“ изврши целосна дезинсекција и дератизација на јавните површини што се под надлежност на општината. Во текот на годината предвидени се две акции за дезинсекција и дератизација и тоа пролетна и есенска, велат од општината.

По овие одговори на надлежните, останува нејасно како дошло до оваа состојба во Општина Центар, ако сѐ било извршено според предвидените акции. Дали е доволно дезисекција и дератизација да се врши само два пати во годината штом го нема посакуваниот резултат?



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.