Според податоците од Министерството за здравство, во деноноќието меѓу саботата и неделата се направени 1.350 тестирања и регистрирани се 191 нови случаи на ковид-19, со што вкупната бројка на активни случаи во нашата земја изнесува 2.693, откако во петокот беа регистрирани 225, а во саботата рекордни 243 нови случаи.

Рекордер по активни случаи е главниот град со 966, по што следи Кочани – 183, Куманово и Струмица по 181, Тетово – 161 и Прилеп – 147. Во овие шест града се над 67 проценти од сите активни случаи.

Во изминативе три дена во земјава се регистрирани вкупно 659 случаи на ковид-19, а поради зголемената бројка Владата усвои нови рестриктивни мерки со цел спречување на ширењето на вирусот.

Комисијата за заразни болести препорача, а Владата усвои неколку нови мерки кои предвидуваат забрана на гостување на пејачи и ограничување на јачината на музиката и на бројот на гости во угостителските објекти. Се намалува и бројот на луѓе кои може да седат на една маса во угостителски објект од сега дозволените 12 на четири.

Покрај ова ќе се инсистира на стриктно почитување на точка 3 од Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и од Протоколот за отворање и работа на кафетериите, со која не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.

Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.

Министерот за здравство, Венко Филипче, оцени дека ваквите мерки се апсолутно оправдани и дека сега е добар период кога треба да се имплементираат.

Нови правила за угостителските објекти: Забрана за гостување на музичари и најмногу до четворица на иста маса

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.