Со ќебенциња, простирки за на плажа, камерски столчиња, пиво, сок и грицки скопјани вечерва уживаат во кина на отворено во Градскиот парк на „Школка“. Бесплатно се прикажува филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, кој е дел од првото издание на фестивалот „Самерленд“.

Филмот на Теона Стругар Митевска имаше светска премиера во конкуренцијата за Златна мечка на Берлинале, каде доби две награди од споредните жирија. Тој во мај освои и две награди на Филмскиот фестивал Деа во Тирана, за најдобар филм и за најдобра женска улога (Зорица Нушева). Филмот од 1 мај се прикажува во 60 киносали низ Франција.

За утре во 21.30 часот е најавена проекцијата на „Џган“, успешното деби на Вардан Тозија. Главните улоги ги играат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула, Никола Ристановски, Љупчо Тодоровски, Сара Климоска, Горан Стојановски, Ристо Бурзаденов, Саша Чиникиќ и Мартин Живковски.

Проекциите се организираат во соработка со Младински културен центар и кино Милениум.

МКЦ и Град Скопје вторпат организираат бесплатни летни кино проекции во Градски парк. Лани тоа го сторија првпат, мошне успешно, кога беа прикажани „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски и документарецот „Со љубов“ на Илија Цветковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.