Професорката Гордан Силјановска Давкова реагира за тоа што при реконструкцијата на улицата Орце Николов во Дебар Маало, на столбовите за осветлување се поставени камери што се насочени кон становите на зградите на улицата.

„Орце Николов“ беше романтична улица, налик на многу други по старите европски градови, со (под)остарени, но се уште убави куќи, градени меѓу двете светски војни или во раните педесетти, во стилот на македонската модерна, обрабена со дрворед од обете страни и канделабри, стуткани меѓу јаворчињата и надвиснати како цветови со пријатна жолта боја/светлина.

 

Во тек е нејзината реконструкција во која има(ше) и деструкција, чија жртва беа невини дрва, непотребно пресечени гранки или исчезнати места пред куќите и зградите, коишто нивните станари ги користеле како паркинг простор со децении. Исчекор се велосипедските патеки, иако на некои места имаат неверојатен тек и опасен крај. Остана и мал тротоар за пешаците. Метални сандачиња, над кои има куп заборавен кабел, ги заменија дотраените дрвени бандери.

 

Прогресот ги отстрани канделабрите и „засади“ алуминиумски стапови со ледено бели сијалици, кои што, можеби штедат, ама, не му личат на амбиентот, а поради висината, повеќе ги осветлуваат нашите домови, одошто улицата и патеките. Згора, кога ќе ги видите канделабрите фрлени на куп зад општинските бараки, јасно ви е дека штедењето не била идејата водилка. Впрочем, да било, ќе ги прередеа неколкупати менуваните плочки и нема да се фрлаа во нови трошоци. Тие, нели чинат пари.

 

Пред неколку дена, во духот на заложбите за „безбеден и мирен град“, дваесеттината истопорени светлосиви стапови, ДОБИЈА ОЧИ, одосно по ДВЕ КАМЕРИ, од кои ЕДНАТА е фокусирана на улицата, а другата е директно насочена кон нашите домови, небаре сме во реално шоу.

 

Би сакала да верувам дека фокусот случајно, од невнимание или незнаење е ДЕФОКУСИРАН, ама да ГИ ПОТСЕТАМ НАДЛЕЖНИТЕ на членот 25 од Уставот: „на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на ПРИВАТНОСТА на неговиот личен и семеен живот…“.

 

Ако е НАЈДОБРОТОТО за „ Центар“ е да Ве набљудува ГОЛЕМИОТ БРАТ, додека го читате антиципативниот ОРВЕЛ, за мене и моите комшии е – НАЈЛОШОТО! – коментира Силјановска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.