Кампањата за локалните избори официјално сè уште не е започната, но спротивно на правилата и политичката култура, деновиве на социјалните мрежи сме бомбардирани од платени политички промоции од СДСМ, дали во облик на порачани текстови или како фалби за „остварени проекти“.

На страна ова, актуелниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, оди чекор подалеку во искористувањето на позицијата, па во „демек не е кампања“ користи и малолетни лица.

Рекламирајќи ги реконструираните патеки во скопскиот Градски парк, СДСМ и градоначалникот користат фотографии на деца од претшколска возраст, нешто што е строго забрането со Декларација за заштита на децата од злоупотреба во политички кампањи.

Дополнително скандалозно е што неговиот „градоначалнички“ пост, со фотографии на кои стои лого на Град Скопје, е платен од неговата политичка партија СДСМ.

Неодамна од Првата детска амбасада „Меѓаши“ му забележаа на министерот за надворешни работи Бујар Османи за штипкањето на децата од Авганистан, кои допатуваа во Скопје на привремен престој.

Секоја пригода кога политичар ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран со тоа дете, може да се смета за кампања, порачаа тогаш од Меѓаши, додавајќи дека крајно време е политичарите кои ги злоупотребуваат децата за политички цели да сносат одговорност.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.