Скоро 200 лица ќе бидат вработени во Град Скопје оваа и следната година, кога завршува и мандатот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Со годишниот план за вработување за 2021 година, кој треба да биде усвоен од страна на Советот на Град Скопје во среда, се предвидува вработување на 91 лице оваа и 94 други наредната година.

Во планот за вработување стои дека во моментов во Град Скопје има 645 вработени од кои 496 се Македонци, 90 Албанци, 16 Роми, 14 Срби, 11 Турци, 5 Бошњаци, тројца Власи и десет лица се од други националности, а до крајот на годината овој број ќе се зголеми на 722. Во пензија до крајот на годинава одат само 14 лица.

Следната, пак, кога се пензионираат само 16-мина, според планот ќе се вработат 30 пожарникари, 57 административци и седум инспектори.

Сите вработувања се образложени со зголемување на обемот на работа на организационата единица.

Во предизборието претседателот на СДСМ Зоран Заев најави дека потребно е кратење на администрацијата и дека доколку неговата партија дојде на власта, ќе отпуштат 20 отсто од вработените во државните институции ширум земјата. По договорот за владина коалиција, и Заев и Али Ахмети порачаа дека се согласни овој план да се реализира.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.