Пакет финансиска поддршка за сите групи граѓани, за возрасните и пензионерите, лицата со попреченост, лицата со ретки болести, младите и идните родители, најави денеска актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов.
Бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата, бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот, бесплатен јавен превоз за лицата со ретки болести, како и за сите постдипломци и докторанди кои студираат во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси, најави Шилегов на денешната прес-конференција.
Учениците од државните основни училишта во градот, како што рече, ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште, потоа ќе се доделуваат 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети, а за секој средношколец од државните училишта ќе се обезбедува бесплатно овошје за време на училишниот престој.
Меѓу поволностите кои ги наброи Шилегов е субвенционирање на згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50% од месечниот трошок, а најави и помош за биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на двојките.
И на крајот кажа дека ќе го дополнуваат семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.