Започнуваме со процесот на унапредување на безбедноста на најранливите категории во сообраќајот – пешаците, објави денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов по свеченото пуштање на тастер за вклучување на семафор за пешаци.
На барање на граѓаните, на семафорите на булеварот Србија, кај Полициската станица, е поставен првиот тастер во Скопје со кој пешаците ќе можат да го активираат вклучувањето на зеленото светло и со тоа побезбедно да го поминат пешачкиот премин. Целта на оваа активност на Градот Скопје и на компанијата ОКТА е да се зголеми безбедноста во сообраќајот на овој исклучително фреквентен булевар.
На барање на граѓаните, по немилиот настан минатата година кога на овој пешачки премин загина пешак, Градот Скопје на оваа локација постави семафор за да овозможи побезбедно поминување на пешаците преку булеварот. Наидовме на разбирање кај компанијата ОКТА за да воведеме и еден поинаков систем – во моменти кога нема толку многу сообраќај на улицата да може со притискање копче да се отвори пешачкиот сигнал за да се зголеми безбедноста на пешаците при преминувањето на улицата, особено на децата од оваа околина коишто одат на училиште – рече денеска градоначалникот Шилегов, на ставањето во употреба на новиот механизам за регулирање на сообраќајот.
Тој потсети дека Градот Скопје на булеварот Србија годинава изгради и велосипедска патека која ги поврзува главните велосипедски рути во Аеродром со Кисела Вода и Гази Баба.
Сакаме да воведеме безбедно движење со одржлива урбана мобилност. За мене е императив сите решенија коишто ги нудиме како градска администрација да се во насока на одржливата урбана мобилност, а пред се, да се безбедни за граѓаните, особено за најранливите категории во сообраќајот. Мислам дека тие промени, чекор по чекор, стануваат видливи благодарение и на вакви општествено одговорни компании како што е компанијата ОКТА, а ние ја зголемуваме безбедноста на граѓаните – нагласи Шилегов.
Тастерот на семафорот на булеварот Србија е донација од компанијата ОКТА со која се предвидува поставување вакви тастери на повеќе пешачки премини на градските булевари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.