Скопје до 2024 ќе биде град без сообраќаен метеж и со најголема пешачка зона во Европа во центарот на градот. Денес за прв пат влеговме во тунелите под Лимак кои напредуваат со одлично темпо и го презентирав целосното решение за сообраќајот во Скопје со кое нашиот град станува вистинска европска метропола – напиша на социјалните мрежи, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Целиот мастерплан се содржи од три целини:

Првата е токму оваа која денес ја презентирав. Коридор кој се прави со изградбата на тунелите под Лимак, овозможува граѓаните кои патуваат од Карпош и Ѓорче Петров да стигнат до Кисела вода или Аеродром, без поминување преку строгиот центар на градот. Со ова практично отвораме нова артерија која ќе го растерети центарот. Целото решение за овој дел вклучува изградба на голем кружен тек на раскрсницата кај Нова Македонија.

Втората целина од планот е отворање на другата артерија од другата страна на градот со изградба на мостот на булевар „АСНОМ“ која е во завршна фаза. Со ова решение, граѓаните на Аеродром и сите кои доаѓаат од таму, ќе можат директно и без поминување во строгиот центар да патуваат до Карпош. На овој начин уште повеќе го ослободуваме од притисок на возила централното градско подрачје – вели Шилегов.

Тој вели дека со тие зафати се создаваат услови централното подрачје да биде претворено во најголемата пешачка зона во Европа каде што ќе има само сервисни возила и БРТ, модерен и брз јавен транспорт.

Дополнително, за планот да биде целосен, има уште две големи сообраќајни решенија од кои првото интензивно се работи, а тоа е клучката кај Момин поток. Со неа го решаваме сообраќајниот метеж во тој дел од градот и овозможуваме брз транспорт кон Косово. И второ, решение за кое веќе имаме почнато постапка, пробивање на булеварот Словенија до Волково.

Сите овие проекти ќе бидат готови до 2024 година и со тоа го решаваме сообраќајот во градот за следните 50 години! Вака се работи стратешки и плански. Она што ние ќе го направиме во овие осум години ќе им служи на многу идни генерации. Со ваквите храбри решенија, Скопје станува европска метропола, со решени сообраќајни проблеми, со помалку загадување и метеж, со многу јавен простор во центарот слободен за пешаци – вели Шилегов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.