По објавените снимки од страна на градоначалникот Шилегов на неговиот фејсбук профил од демолирањето на зелениот покрив на ГТЦ, Градоначалникот на Скопје даде изјава за медиумите каде потенцираше дека по завршувањето на процената на штетата Градот Скопје ќе достави пријава до МВР и ќе се бара притвор за сторителот.

Во текот на изминатата ноќ на покривот на Градскиот трговски центар, онаму каде што Градот Скопје инвестира за подигнување зелен покрив дојде до уништување на дел од опремата и на дел од инсталациите што Градот таму ги постави во соработка со УНДП. За наша среќа, безбедносните камери го снимија инцидентот, идентификуван е сторителот, Град Скопје и ГТЦ го пријавија случајот во МВР, извршен е увид и во тек е проценувањето на штетите. Оштетена е и инсталацијата, што претпоставува дека ќе стане збор за гонење за сторено кривично дело по службена должност. Доколку тоа се утврди, јас ќе побарам од јавното обвинителство да изрече мерка притвор за сторителот бидејќи не можеме како Град да дозволиме да биде уништувано јавното добро, да биде уништувано она што го правиме со парите на граѓаните, а и нека биде конечно предизвик за јавното обвинителство да почне да си ја работи работата онака како што треба. Моето мислење е дека досега не сме имале сериозен однос на оваа институција кон јавното добро. Нека заврши процената на вредноста на штетата, па во согласност со тоа ќе ја доставиме нашата пријава до МВР. Во координација сме со СВР Скопје и потоа ќе побараме од обвинителството да поднесе кривична пријава и да изрече мерка притвор бидејќи сторителот е познат и постои опасност да го повтори делото, рече денеска Шилегов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.