Здружението на граѓани „Во одбрана на Дебар Маало“ по средбата со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов бара да запре постапката за изградба на тунел под Кале и вијадукт кај Владата, зашто со овој проект ќе се постават темелите за ново „Скопје 2014″. Со капиталниот проект за изградба на вијадукт и тунел под Кале, велат, ќе се пробие градски автопат низ срцето на Центар спротивно на современите тенденции за организирање на градскиот простор. Тоа ќе го задави Скопје, предупредуваат.
Енормно ќе се зголеми урбаниот хаос и загадувањето во градот што е на врвот од листата на најзагадени градови во Европа и светот, ќе се уништи јавното добро и квалитетот на живот на жителите. Му укажавме на градоначалникот Шилегов дека актуелизира решение старо половина век. Тие побараа да се стопираат распишаните тендери за изготвување на проектната документација и да се отвори јавна и транспарентна расправа со работилници во кои ќе бидат вклучени и граѓаните и стручната јавност, а не само одбрани поборници на застарен пристап кон градот. Бараме ажурирање на податоците врз кои се базира решението за спојување на северот и југот на Скопје со автопат низ самиот центар.
Сметаме дека градот треба да им припаѓа на луѓето, а не на автомобилите. Автоцентричниот пристап не само што е застарен, туку е и погубен за здравјето на луѓето, велат од здружението.
„Во одбрана на Дебар Маало“ реагира и против сообраќајното решение за дел од Голем Ринг на град Скопје предвидено со ГУП од 2012 и ново проширување на булевари во центарот на градот. Од иницијативата бараат итно запирање на постапката за реализација, отпочнување на нова процедура за партиципативно изнаоѓање решенија и идеите за ново проширување на булевари во Мал и Голем Ринг, да се вратат дрворедите и создадат нови пешачки зони. Тие поддржуваат решенија за градскиот простор со кое животот на сите жители ќе биде подостоен, поздрав и побезбеден, но тврдат дека проектот во изработка за мост и тунели под Калето не се одговорот.
Се поставува и прашањето дали токму сега се актуелизира градењето на тунел и вијадукт поради можноста на овој начин да се опслужи контроверзниот проект Лимак кај Старата железничка станица и предвидените градежни активности на територијата на поранешниот Скопски саем, велат од здружението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.