Деталните урбанистички планови што вчера беа предмет на јавна расправа во Општина Гази Баба се уште не се доставени на мислење до Град Скопје. Ние сме со став дека во нашиот град воопшто не е веќе потребна тешка индустрија, за жал во некои други времиња било одлучено дека Железара треба да биде во срцето на градот. Градот нема согласност каква било тешка индустрија да се развие понатаму во рамките на комплексот на Железара. Но, ќе го дадеме нашето стручно мислење, комисијата на Градот во моментот кога до нас ќе бидат доставени ДУП-овите. По редот на нешатата тоа доаѓа по јавната расправа – рече на денешната прес-конференција градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на депонијата меѓу Визбегово и Шуто Оризари, Шилегов изјави дека тој дел е целосно исчистен.

Ние не можеме перманентно да го чистиме делот, а некој друг да го генерира отпадот, зајакнати се таму инспекциските служби. Не можеме ние веднаш да исчистиме, некој утре да генерира отпад таму и да дежураме таму со нашите машини. Направен е записник и дронски снимки од целокупната депонија во Визбегово и ќе може да видите дека е целосно уредена согласно добиените средства, но нема да дозволам повторно да се генерира нов комунален отпад, нема намера Градот Скопје да биде чистач на нечии неисполнувања на законските обврски. Комуналното претпријатие на Шуто Оризари отпадот треба да го депонира во Дрисла – рече Шилегов.

Прашан кога ќе се среди салата „Партизан“ во Чаир, градоначалникот рече дека е изработена целосна градежна документација спремна за тендерирање и оти во текот на есента веројатно ќе биде готова. Најави дека пролетва ќе влезат во имплементација на третата фаза и целосна реконструкција на улицата „Индира Ганди“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.