Енергијата која ја троши изминатите денови да ме напаѓа, да ја потрошеше да сработи нешто или барем да направи некој километар на канализација или водоводна мрежа, Скопје ќе беше многу поубаво место за живеење, изјави кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање во врска со нападите на Шилегов.
Арсовска потенцираше дека Шилегов се служи со такви напади затоа што од неговата програма од 2017 година во изминативе 4 години нема реализирано повеќе од 5% од програмата затоа што неговите проекти не се реализирани.
Реализиран проект е нешто што има свој почеток и крај, нешто што ветите, ќе го почнете и ќе го завршите и ќе им дадете на скопјани како нешто што се реализирало со нивните пари. Раскопаните улици во овој момент, целиот хаос кој што се случува на 3 месеци пред избори, тоа не е реализиран проект, или 3Д анимација направена на интернет, тоа е покажување сликички. Завршен проект не е ни тендерска документација или студија, истакна Арсовска.
Таа посочи дека вистинските прашања кои треба да се прашаат е каде се тунелот, кружниот на влез на Скопје кај Сарај или каде е езерото Треска, бидејќи не се реализирани, а Скопје не е ниту зелена метропола затоа што во овој момент со Шилегов е нечист град.
Клучни прашања кои ги интересираат сите скопјани се каде е тунелот под Кале, каде е кружниот тек на влезот на Скопје кај Сарај, дали е тоа реализиран проект? Прашајте каде е езерото Треска кое требаше да биде вратено на граѓаните и да биде ревитализирано бидејќи истото беше изградено со придонес на скопјани. Каде е „Скопје зелена метропола 2021“ , изборот заврши, а Скопје не влезе ни во потесен круг, не пак да го добие тоа признание затоа што не е зелен град, не е европска метропола и не е чист град во овој момент, рече Арсовска.
Таа исто така нагласи дека во недостиг на идеи Шилегов повторно ветува нереализирани проекти од неговата програма од 2017 година како што е овошје за секој средношколец кое не го оствари и сега пак го ветува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.