По повод големиот државен празник Денот на Републиката – 2 Август, Илинден на кој се одбележуваат 77 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ и 118 години од Илинденското востание, делегација на Град Скопје, денеска положи цвеќиња на повеќе споменици во градот.

Како што соопшти Град Скопје, официјалната делегација на Градот, составена од членовите во Советот на Град Скопје, Анета Стојановска-Стефанова, Бранко Георгиевски и Михаела Иванова, положи цвеќиња пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“, пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“ и пред споменикот на Никола Карев пред Собранието.

Цвеќиња пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, на АСНОМ и на Никола Карев, положија и делегации од Владата, Собранието, Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Министерството за одбрана, ГШ на Армијата, членови на Сојузот на борците, претставници на политичките партии, на дипломатскиот кор, како и на здруженија на граѓани и на организации.

На одбележување на овој значаен датум од македонската историја не присуствуваше градскиот татко Петре Шилегов. Иако и годинава ќе се кандидира за градоначалник на Скопје, Шилегов одлучи овој 2 Август да го мине под ладовина, далеку од градскиот асфалт. Случајно или не, погодете.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.