Топловодната мрежа, гасоводот и новиот систем на јавен транспорт се три фундаментални проекти кои, за жал, главниот град во изминатите три децении ги пропуштил и сега живееме во последиците од таквото пропуштање, изјави денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Прашан за мерките за чист воздух во пресрет на грејната сезона, скопскиот градоначалник истакна дека овие три мерки се среднорочно решение на проблемот на загадениот воздух зашто, рече, аерозагадувањето не се решава преку ноќ.

Град Скопје ја доби топловодната мрежа и за мене тоа е една од фундаментални мерки, го заокруживме гасоводниот прстен околу градот Скопје, стратегијата за секундарната и терцијарната гасификација се утврдува на државно ниво, но градот инфраструктурно е спремен да влезе во тие циклуси. Во финални преговори сме со Владата и за финансирање на новиот систем на јавен транспорт во нашиот град, рече Шилегов одговарајќи на прашање на прес-конференција посветена на новото издание на фестивалот МОТ.

Покрај овие, според него, фундаментални мерки, како четврти важен аспект, рече, треба да се додадат подобрените перформанси на градската инспекција.

Градот е поставен во добра стартна позиција. На 19-ти имаме седница на Советот за градски енергетски системи, со што ќе отвориме формална можност да се јавиме ако апликанти пред Регулаторната комисија за да добиеме лиценца за дистрибуција, а по Нова година за снабдување. Така што, очекувам дека некаде кон крајот на оваа или почетокот на идната година, целосната контрола врз топловодната мрежа ќе ја преземе Град Скопје. Тоа го става градот во позиција да може да креира социјални програми што ќе може да им ги понудиме на граѓаните, за централното затоплување да биде еден од најеколошките и најевтините начини на затоплување на домовите, истакна Шилегов.

Во училиштата и градинките на Град Скопје се распределуваат инвентори, а со Владата ќе имаат работни средби за парични средства преку Електрани на Македонија за некои општини вклучително и во Град Скопје.

Зборувајќи за загадувањето на воздухот што е главен проблем на Скопје во зима, градоначалникот нагласи и дека треба да се зборува за Скопската Котлина, а не само за Скопје, затоа што, како што рече, нивни анализи покажуваат дека од околните општини Чучер-Сандево, Сопиште, Петровец, Илинден и Арачиново има сериозен инпут на загадување, а досега тие биле надвор од фокусот на јавноста и стручните лица. Додаде дека инсистира во разговорите со Владата за вложување средства да бидат опфатени и тие општини за да може да се зборува за сеопфатност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.