Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов изминатата недела учествуваше на Првата годишна конференција што ја организира Министерството за финансии на тема „Економско заздравување и раст по Ковид“ каде зборуваше за активностите во насока на заздравување на економијата за време на пандемијата која ја зафати и нашата земја.

Тој рече дека Град Скопје на почетокот на април минатата година одржа седница на Советот на која беа усвоени низа мерки со кои Градот се обиде да и помогне на локалната економија, особено во делот на градежништвото и угостителството.

Во делот на градежништвото се откажавме привремено од изградбата на Луна Паркот, започнавме градежна офанзива на изградба и реконструкција на над 20 градски сообраќајници со цел да ги помогнеме домашните фирми во областа на градежништвото, овозможивме комуналите да можат да се плаќаат на 18, наместо на досегашните 12 рати. Дополнително олеснување кое ги засегаше најмногу угостителите беше намалувањето на комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 на 5 денари по квадрат (колкава што е минималната цена дозволена со закон) за цела 2020 година; ја намалуваме фирмарината за стопанските субјекти од 7.000 на 4.000 денари за 2020 (што исто така е законски минимум). Онаму каде што дозволуваа просторните услови дозволивме и поставување на дополнителни маси на јавните површини, со цел да овозможиме угостителите да го запазат потребното растојание меѓу масите. Им препорачавме на училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта да бидат ослободени од месечните кирии за целокупното времетраење на вонредната состојба, кажа Шилегов во своето обраќање пред присутните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.