Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов заедно со кандидатот за градоначалник на Општина Карпош Душко Весковски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска вечерва остварија повеќе средби со граѓаните од оваа скопска општина.

– Карпош е една од најразвиените скопски општини. Со малку посветеност и работа може многу да се направи буквално за секое катче од оваа општина, со овие зборови градоначалникот Шилегов го започна своето обраќање.

– Реконструиравме делови од булеварите Партизанска од 8-ми септември до кружниот тек во Ѓорче Петров и 8-ми септември од Илинденска до Скупи. На 8-ми септември изградивме и велопатеки од Партизанска до Скупи. Целосно ги реконструиравме улиците Лондонска, Љубљанска, Московска, Брадфордска, Никола Парапунов и Ацо Шопов, изјави Шилегов осврнувајќи се на реализираните проекти во делот на инфраструктурата.

– Денес имавме прес кај Клучката на Момин Поток, таков сложен сообраќаен зафат во Скопје не е направен со децении наназад. Оваа раскрсница која ја паметиме по огромни гужви каде поминуваат 25 до 30.000 возила дневно, спојува четири општини, го добива најмодерното и најсофтицираното сообраќајно решение било кога изработено во урбана средина во државата. Градиме издигнат булевар на 9 метри, со кружен тек во ридот кај касарната, со којшто овозможуваме анулирање на семафорската сигнализација и движење без застој на сите видови сообраќај. Таму за прв пат ќе изградиме велосипедски мост, вело патеки мора да има како составен дел од сите идни сообраќајни решенија во градот, нагласи Шилегов.

– Преку ова сообраќајно решение, заедно со клучката и пробивањето на бул. Словенија до Волково и пробивањето на Хасан Приштина до обиколница во правец на Косово, целосно го решаваме на долг рок сообраќајот во овој дел од градот. Мостот на ул. Љубљанска е вториот од двата моста кои ги започнавме за само еден мандат. Мостовите ги приближуваат луѓето, овој мост ја олеснува комуникацијата на жителите од Карпош 3 и 4 со жителите на Бардовци и Злокуќани. Со изведбата на првата траса на БРТ системот на брз автобуски превоз, одново ќе го изградиме и мостот Обединети нации, кој сега ќе биде и поширок и побезбеден за сообраќај, рече Шилегов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.