Градоначалникот Петре Шилегов во рок од две недели ќе одлучи кој ќе биде директор на Младинскиот културен центар во Скопје (МКЦ), откако ќе бидат разгледани двете пријави што стасале на конкурсот кој се оддолжи поради претседателските избори, велат од Град Скопје на прашање на Плусинфо по реакцијата на независните македонски културни работници, уметници и граѓански активисти кои денеска му се обратија на премиерот Зоран Заев преку отворено писмо во кое побараа да не се прават промени во раководството на МКЦ.
Нивната реакција следуваше по неофицијалните информации на социјалните мрежи дека прв човек на МКЦ ќе биде музичарот Бени Шаќири.
Процедурата за избор на директор на МКЦ е сѐ уште во тек. Во предвидениот рок на конкурсот се пристигнати две пријави, чие разгледување беше одложено поради изборниот процес. Пријавите се уште не се разгледани од страна на комисијата, но се очекува да бидат разгледани до крајот на оваа работна недела. Откако ќе бидат разгледани согласно конкурсните услови – сите кандидати што исполнуваат услови ќе бидат предложени до градоначалникот, кој треба да донесе одлука за избор во рок од 15 дена. Сакаме да напоменеме дека МКЦ во текот на целиот овој период има в.д. директор задолжен за реализирање на програмските активности на установата и истата во текот на овој период работи непречено – велат од Град Скопје.
Независните културни работници, уметници и граѓански активисти бараат власта да не ја менува, како што велат,„ докажано успешната раководна структура на МКЦ, која подолго време претставува бедем на независната културна сцена во главниот град“.
Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција (директорско место во МКЦ Скопје). За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија. Но повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде, се вели во реакцијата потпишана од над 250 културни работници и уметници, а упатена до премиерот Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.