Депонијата Вардариште била во интензивно користење за фрлање на комуналниот отпад на Град Скопје од 1997 година, кога се отвора капацитетот Дрисла, и тоа што де факто се случува таму сега е всушност распаѓање на тој депониран комунален отпад што е потенцијален сериозен еколошки проблем за Град Скопје. Градот и „Комунална хигиена“ тоа што во моментот го работат на Вардариште е дека таму има еден капацитет на претоварна станица каде се носи ѓубриштето во тој дел на градот, се врши примарна селекција, се истовара во возила и се носи во Дрисла, што значи дека нов комунален отпад не се генерира, туку се врши примарна негова обработка и се носи во Дрисла.
Ова денеска во изјава за медиумите го нагласи градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов по брифингот со новинарите за поранешната депонија Вардариште и проблематиката што постои таму и со која се соочува Градот, но и граѓаните кои живеат во непосредна близина.
– Проблемите настануваат од долгогодишното несоодветно место и несоодветен начин на депонирање повеќе децении на комуналниот отпад. Во непосредна близина на самата локација постојат три правни субјекти кои управуваат со отпади, а кои како институции се под исклучива надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Државниот инспекторат за животна средина, односно градот ја нема ингеренцијата да може да ги инспекторира или да изрече било каква санкција доколку истите несоодветно ја извршуваат својата дејност, иако ги мониторираме. Ги мониторираме од иста причина што нашите инспекциски служби се таму присутни заради постоењето на три диви населби, на неформални преработувачи на ѓубре, кои како такви ги санкционираме. Инспекцискиот надзор во последниве две години е зголемен за 300 проценти за разлика од минатото, посочи Шилегов.
Информира дека Градот во меѓувреме има изработено студија за целосна санација на Вардаршите, за целосна заштита на тој локалитет.
– Според таа студија која ја имаме направено да се изврши една примарна заштита на тој простор со технологиите кои се познати, потребно е за примарната некаде околу 25 милиони евра, а за целосна санација некаде околу 40 милиони евра средства кои Град Скопје за жал ги нема на располагање . Веќе имаме разговори со дел од претставниците на ЕУ тука, но мислам дека како проблем, како начин на решавање ќе мора и МЖСПП да партиципира со цел потенцијална опасност за животната средина во Скопје понатаму да нема. Тоа што ние го правиме е таму да се инсталирани т.н. подземни шипки, одводи, за метанските гасови кои се создаваат долу да не претставуваат евентуална еколошка опасност, додаде Шилегов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.