Советничата oд ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Ирена Попова, вели дека зад продажбата на новата градска куќа од страна на Петре Шилегов се крие основан сомнеж за криминал. Попова на денешната прес-конференција рече дека новиот купувач на градската куќа од страна на градоначалникот ќе биде почастен со гратис земјиште и нула износ на комуналии.

Фрапантно е што Шилегов новиот купувач на градската куќа ќе го части со гратис бесплатно земјиште и нула денари комуналии за градот Скопје. Имено градската куќа беше планирана како објект каде ќе биде сместена градската администрација, и за таа цел Градот искористи државно земјиште, а градбата беше ослободена од комуналии. Сега Шилегов ќе го почасти новиот купувач и газда со гратис бесплатно земјиште и комуналии, рече Попова.

Таа додаде дека продажбата ќе се одвива преку негативна електронска аукција што значи дека цената на продажбата може и да паѓа.

Сумата која е инвестирана ќе биде повисока од цената по која ќе се продаде, а Скопје ќе бележи загуба. Објаснувањата на Шилегов дека сега се сетил дека градбата е нефункционална се излитен параван зад кои се крие сомнеж за криминални интереси. Ако било тоа така зошто овој градоначалник вложи и инвестираше 3 милиони евра за довршување на објектот. Значи Шилегов според неговите зборови дозволил инвестиција во објект кој за него е нефункционален и тоа изнесува 3 милиони евра, рече Попова и оцени дека ова е нова „бомбона бизнис“ во која некој значително ќе се офајди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.