Ние сега треба да разговараме за програмите и понудите кои што ги имаме, или за реализација, за политиките што планираме да ги спроведеме за град Скопје и за Скопјани, истакна кандидатот за градоначалник на град Скопје на СДСМ Петре Шилегов, во емисијата „Жешко лето“ на Канал 5 телевизија.

ВМРО-ДПМНЕ се уште не излегува пред скопјани со свој кандидат и се крие позади независниот кандидат Данела Арсовска, истакна Шилегов, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ 27 години претходно управуваше со нашиот град, сите аномалии кои што се појавуваат во Скопје, кои овие 4 години макотрпно работиме да ги отстраниме се аномалии од нивното невладеење.

Не верувам дека мои поддржувачи ќе гласаат за Арсовска, но убеден сум дека, токму поради тоа што го направивме во овие четири години дека многу, многу членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за мене за градоначалник, порача Шилегов.

Она за што јас можам да го кажам гордо дека се изградени четири булевари, еден мост завршен во Аеродром, друг почнат во Карпош, 110 километри велосипедски патеки, многу зеленило, по 40 години зборување за трамвај, сега Бас рапид транзитот е тендериран, завршена финансиската конструкција, после долги години малтретирање на уличните кучиња направивме стационар, што е пример во регионот, сето тоа се политики што ги креиравме за нашиот град за одржлив развој на инфраструктурата, се токму тоа со кое што јас настапувам пред скопјани, наведе Шилегов.

Тој нагласи дека во изминатите 4 години започнале многу работи, кои се во точка од која нема враќање, како клучката на Момин Поток, клучката на Словенија, Бас рапид транзитот.

Во овој мандат за само 4 години кога никој не веруваше дека можеме да ја завршиме Пластичарска, ја завршивме, кога никој не веруваше дека можеме да пробие ридот кај касарната Илинден и него го завршивме и имаме булеварско решение со велосипедски патеки. Имаме прв булевар кој излегува на обиколницата, тоа е „Христијан Тодоровски Карпош“, булевар „АСНОМ“, кој долги години беше рак рана на граѓаните на  Аеродром, истакна Шилегов.

Тој нагласи дека врз основа на добра анализа направена е добра стратегија вистински развој на нашиот град.

Ние пробивме многу коридори во нашиот град, многу работи кои беа рак рана на скопјани се решени или е започнато нивното решавање или се при крај, истакна кандидатот за градоначалник на град Скопје на СДСМ Петре Шилегов, во емисијата „Жешко лето“ на Канал 5 телевизија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.