Центарот за истражување и информиеање на животната средина „Еко Свест“ посочува дека преку медиумите дознале дека на седницата на советот на град Скопје закажана за утре, 27.10.2020 во 11:00 часот на прва точка на дневниот ред е донесување на Зелен Акциски план за град Скопје.

Иако овој план треба да ја подобри состојбата со животната средина во градот и како таков ги засега сите негови жители, досега немало никакви јавни консултации ниту соодветно информирање за процесот, реагираат од Центарот.

Според член 65 од Законот за животна средина сите плански документи во оваа држава подлежат и на Стратегиска оцена за влијание врз животната средина, документ кој не е приложен како дел од документацијата заедно со Зелениот Акциски план за град Скопје. Не знаеме ниту дали Министерството за животна средина и просторно планирање како надлежен орган било консултирано и учествувало во изготвувањето на планот. Ваквиот однос на локалните власти е сосема спротивен на заложбите на Владата која се стреми да обезбеди транспарентност во носењето на политиките од јавен интерес во насока на приближување на нашата земја кон ЕУ, велат во соопштението од „Еко Свест“.

Од Еко-свест потсетуваат дека уште во јули 2019 година реагирале дека документот се работи без консултација и информирање на јавноста, што е обврска на институциите и локалните власти, но сега велат гледаме дека сме ставени пред свршен чин без никакво информирање на оние најзасегнати од планот – граѓаните.

Град Скопје се финансира од националниот буџет и постои за да им го подобри животот на жителите на градот, а притоа мора да соработува со граѓаните како би ги согледал нивните потреби. Сметаме дека игнорирањето и избегнувањето на јавното мислење се непотребни и недозволиви, особено бидејќи Градот не би требало да стравува од критика кога се работи за ваков позитивен документ. Сепак, транспарентноста и учеството на јавноста мора да се приоритет. Затоа бараме Зелениот акциски план да биде соодветно објавен, ставен на располагање на граѓаните во тек на 30 дена и за него да се организира јавна расправа пред неговото усвојување, велат во соопштението од Еко Свест.

Воедно, бараат Градот да поднесе барање за мислење од Министерството за животна средина за потребата од спроведување на постапка за стратегиска оцена за влијание врз животната средина. Истовремено ги повикуваат советниците да го побараат истото на утрешната седница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.